Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави најновата книга на проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ – „Мојот предизвик Охрид“, во која авторката говори за нејзиниот долгогодишен афинитет кон Охрид, почнувајќи од својата двегодишна возраст, па сѐ до 2021 година.
-Осумдесет години го исполнуваат времето минато крај охридските убавини, исполнети во натамошниот раст, со формирање семејство во саканиот град, научните контакти со старините на градот, зашто нејзината научна професија ја поврзува суштински со Охридската книжевна школа, со нејзиниот првоучител свети Климент Охридски. Проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ со децении е поврзана со средновековната македонска христијанска и црковна литература, чие внимание посебно го насочува кон свети Климент Охридски, со што и книгата започнува со Пофалбата на свети Климент од негов анонимен ученик, информира издавачот на книгата.
Во книгата авторката ги сублимирала сите народни тадиционални изливи на поезија и проза настанати на охридските простори, посебно од зборниците на браќата Миладинови и Кузман Шапкарев, како и од континуираните собирачки потфати на самата авторка, задлабочена во научните простори на книжевното творештво, народното и митолошкото. Покрај нив, во книгата „Мојот предизвик Охрид“ има осврти за Григор Прличев, како и за современите охридски раскажувачи и автори.