Поранешниот англиски фудбалер Џими Гривс почина на 82-годишна возраст, соопшти денеска премиерлигашот Тотенхем, збогувајќи се од својот најдобар голгетер во историјата со 266 голови на 379 натпревари за клубот од северен Лондон.
Гривс за англиската репрезентација одигра 57 натпревари во текот на 60-тите години од минатиот век и постигна 44 голови.
И покрај големиот број рекорди и голови зад своето име, Гривс веројатно е најпознат по најголемиот натпревар што го пропушти во својата кариера – финалето на Светското првенство 1966 година во Лондон.
Гривс беше дел од англискиот тим, кој ја освои титулата на тој Мундијал, но се повреди на натпреварот од првото коло против Франција и го загуби местото во тимот.
Само фудбалерите, кои беа на теренот добија медали по завршување на финалето на „Вембли“, а Гривс и соиграчите од клупата, кои беа наречени „заборавени херои“ своите одличја ги примија дури во 2009 година.
Гривс својот медал за единствената голема титула во историјата на англискиот репрезентативен фудбал го продаде на аукција во 2014 година за 44.000 фунти.