Ветеринарната комора повторно со барање – да се намали ДДВ за ветеринарните услуги од 18 на пет отсто

Од:

Ветеринарната комора на Република Северна Македонија го реафирмира барањето за намалување на даночната стапка за ветеринарно-здравствените услуги од 18 на пет отсто.

Со оглед дека ваквата мерка е зацртана и во Планот за работа на Владата, Комората упати писмено барање за средба со премиерот Зоран Заев, како и со министрите за земјоделство и за финансии, Арјанит Хоџа и Фатмир Бесими, на која детално би биле изложени аргументите и потребите од нејзино што побрзо имплементитрање.

Како што вели за МИА претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски, одговор од Владата веќе добиле и во него се наведува дека барањето е проследено до министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Со Бесими, Комората очекува средба идната недела, а со министерот Хоџа, како што им соопштиле од Кабинетот, средбата ќе се одржи по локалните избори.

-Ветеринарно-здравствената служба обезбедува спречување и појава, контрола и искоренување на заразни, паразитарни болести и зооантропонози (болести кои од животните преминуваат на човекот) благосостојба на животните, контрола во производството и прометот на продукти од животинско потекло, во склад со законите, меѓународните прописи и норми, се со цел да се осигура високо ниво на безбедност на храната и непречена трговија со живи животни и нивни продукти во внатрешниот и меѓународен промет и како таква согласно домашното законодавство е декларирана како дејност од посебен интерес. Оттука, поаѓајќи од нејзината есенцијална општествена функција, партиципирајќи во два суштински сектора, јавно здравствениот и како важна алка во сточарството и обезбедување на храна за населението, ветеринарно-здравствената професија во нашата држава треба да биде третирана на начин адекватен на нејзината улога, нагласува Николовски во разговор за МИА.

Комората, додава Николовски, високо ја цени определбата на Владата која ова прашање го вгради во својата Програма и предвидува остварување на долгогодишните напори и заложби. Поради тоа, очекува позитивен одговор.

-Затоа всушност и бараме заедничка средба. Бараме премиерот да иницира измени во Законот за данок на додадена вредност и намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за ветеринарно-здравствените услуги зашто ова прашање е од исклучителна важност не само за ветеринарната служба, туку и за сточарите и сите граѓани, вели претседателот на Комората.

Според анализите на Ветеринарната комора, намалувањето на ДДВ би имало незначителни импликации врз вкупните приходи од даноци за државниот буџет, но значителни позитивни ефекти за ветеринарното здравство, како сектор.

-Намалувањето на стапката на ДДВ се очекува да резултира со намалени цени и обврски на ветеринарните друшта со што ќе им се намалат трошоците од работењето, а ќе се стимулираат инвестиции во опрема, технологии, едукација и слично (во вредност од намалените обврски за ДДВ од 25,6 милиони денари), намален притисок врз ликвидноста на ветеринарните друшта во периодот помеѓу исплатата на обврските и наплатата на побарувањата за ДДВ, намалување на нелојалната конкуренција меѓу чинителите во секторот кои се ДДВ обврзници и оние кои не се ДДВ обврзници, со што би се зголемила конкурентноста и подигање на нивото на квалитетот на услугите на секторот посебно во давање на услугите за спроведување на националната програма за заштита на здравјето на животните, како и овозможување услови за потранспарентно работење во секторот, објаснува Николовски.

Тој во писмото до премиерот Заев посочува дека моменталната состојба во ветеринарно-здравствениот сектор кај нас е најблаго речено загрижувачка. За таквата состојба, оценува Николовски, најголем придонес има рапидниот пад во сточарството, тренд кој мора, вели, со примена на ефикасни државни мерки, да се ублажи и спречи, а за кој свој прилог, идеи и мислење може да даде и ветеринарно-здравствената фела.

-Токму предложените измени и дополнувања во Законот за ДДВ се поднесуваат поради неопходноста од вклучување на стимулативни мерки кои ќе обезбедат опстанок и квалитативно ќе го подобрат и унапредат овој сектор. Во моментов во нашата земја функционираат околу 160 ветеринарни друштва, во кои се вработени околу 400 доктори по ветеринарна медицина и друг помошен технички персонал и истите се рамномерно распоредени на територијата на целата држава со што се овозможува успешно спроведување на програмите за здравствена заштита на животните и други мерки кои се во делокругот на работа на ветеринарната медицина. Стратешки интерес на секоја држава е адекватна покриеност на државната територија со ефективна и агилна ветеринарна служба, а лошите политики водени во тој сектор доведуваат до пропаѓање на ветеринарните субјекти и дефицит во широки подрачја , што како резултат има несогледливи последици по здравјето на животните, сточарското производство и најважно јавното здравје, состојба која не би сакале да ја доживееме ниту како професија, ниту како држава, вели Николовски.

Ветеринарниот сектор во земјава со промените на Законот за ветеринрна дејност во 2000 година, почна да функционира исклучиво како приватен сектор, претставуван од ветеринарни професионалци со регулирана професија, кои функционираат во рамките на ветеринарните друштва (амбуланти, клиники и болници).

-Во насока на обезбедување на значително поквалитетни и поефикасни ветеринарно-здравствени услуги, еден од таквите предуслови е измена и дополнување на Законот за ДДВ со што придобивките кои би настанале од ваквата мерка би биле многукратно поголеми од евентуалниот губиток на приходи, кои би се собрале преку наплата на ДДВ со општата даночна стапка од 18 отсто, потенцира Николовски.

Тој во разговорот поосчува и неколку примери. Во Полска, Ирска и Словенија, вели, ветеринарните услуги се оданочени со повластена даночна стапка, а во Косово ветеринарно-здравствената дејност е изедначена со хумано-здравствената и ДДВ изнесува нула проценти.

Според претседателот на Комората, иницијатива за намалување на ДДВ-то е поддржана од целокупната стручна ветеринарна јавност во Република Северна Македонија, вклучувајќи ги Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, Ветеринарниот факултет во Битола, Факултетот за земјоделство и храна од Скопје, од Националната федерација на фармери и од други здруженија на сточари.

-Свесни сме за сите предизвици и проблеми кои ги донесе актуелната пандемија со КОВИД 19 , вклучувајќи и финансиски проблеми во функционирањето на државата, но токму оваа пандемија треба да не потсети дека најсуштинска вредност во човечкиот живот е здравјето и затоа оваа иницијатива која се однесува на здравјето на животните и луѓето ја сметаме за временски и целисходно најоправдана , токму во овие тешки времиња и во тој правец оправдано очекуваме нашето долгогодишно настојување и стрпливост да вродат со плод кој ќе биде во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија, заклучува Николовски во разговорот за МИА.

Изминува речиси една деценија откако Комората прв пат го афирмираше барањето за намалување на даночната стапка за ветеринарно-здравствените услуги од 18 на пет отсто, кое го повторува и актуелизира скоро секоја година.

Лани Министерството за финансии повторно го одби барањето, а за Комората останаа нејасни тогашните образложенија дека „намалувањето на ДДВ не се прифаќа зашто даночни олеснувања за ветеринарни услуги не се во согласност со прописите во ЕУ, како и затоа што фискалните импликации од евентуалното намалување на даночната стапка не се планирани за буџетот за 2020 година“.

Би можело да ве интересира

И македонските ветеринари ќе се вакцинираат против Ковид-19 во Србија

Жарко Настоски

Светски ден на ветеринарната професија

А1он

Повторно одбиено барањето за намалување на ДДВ за ветеринарните услуги

Ана Ололовска

Ветеринарната комора апелира да се искористат бенефициите за бесплатно чипирање на домашните миленици

Штипскиот ветеринар: Кучето Бренда беше усмртено зашто беше старо и агресивно

Галена Николовска-Ризвановиќ

Атанасов: Сакаме да ја сведеме бруцелозата на еден процент во одгледувалиштата

Ана Ололовска