На Институтот за судска медицина во тек е обдукција на 14 тела на пациенти со изгореници од пожарот во модуларната болница во Тетово.
Директорот на Институтот, Александар Станков, вели дека обдукциите на телата почнале ноќеска и ќе завршат денес, но идентификувањето ќе оди споро и тој очекува да заврши утре оти не може да се користат класичните методи.
„Идентификацијата на телата ќе зависи од можноста за користење класични методи при утврдување на идентитетот, но од она што го гледам се чини дека за сите ќе треба ДНК анализа. Сите тела донесени кај нас имаат изгореници, а идентификацијата со ДНК анализа е најсигурниот метод“, вели директорот Станков за „А1он“.
Институтот веќе се организира за да се најдат роднини на починатите за да почне идентификацијата. Засега не е идентификувано ниту едно од 14-те тела на жртвите во пожарот.
Со амбуланти возила доцна синоќа од Тетово во Скопје беа донесени телата на загинатите во пожарот кој синоќа околу 21 часот избувна во модуларната болница во која биле сместени 26 пациенти заразени со Ковид–19.