Целосната поддршка на Европската инвестициона банка (ЕИБ) за Северна Македонија е признание за досегашните проекти на земјата, но и охрабрување за сите идни, истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба со делегацијата на ЕИБ, одржана заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.
Претставниците на ЕИБ денеска зедоа учество на меѓународната конференција „Економско заздравување и раст по Ковид” која е во организација на Министерството за финансии.
Премиерот Заев на средбата ја истакна исклучителната соработка со ЕИБ во делот на поддршката на капиталните инвестициски инфраструктурни и други проекти кои се комплементарни на реформските политики на Владата во вкупните заложби во процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
Според премиерот, оваа поддршка е признание за сите досегашни инвестициски проекти на земјата и охрабрување за сите идни, меѓу кои со свој приоритет се издвојуваат дигитализацијата, проектите за енергетска транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија, како и гасификацијата и реализацијата на започнатите проекти на Коридорот 8.
Заедничка заложба на Владата и на ЕИБ, беше речено на состанокот, остануваат проектите за поддршка на развојот на локалната самоуправа особено во делот на водоснабдувањето и во системот за пречистителни станици за отпадните води.
На состанокот на премиерот Заев и вицепремиерот Битиќи со претставниците на ЕИБ беше истакнато дека од заеднички интерес во иднина се проектите поврзани со „Зелената агенда“ на ЕУ, континуитетот на поддршката на малите и средни претпријатија со поволни кредити преку Банката за развој на Северна Македонија како и поддршката за реформа на институционалниот систем за заштита и спасување за да се минимизираат максимално ризиците од климатските промени.
Како што информираат до Владата, од страна на делегацијата на ЕИБ, што ја предводеше заменик-претседателката на банката Лилјана Павлова беше истакнато дека групацијата ЕИБ е сигурен партнер за Северна Македонија – со над 900 милиони евра потпишани заеми и повеќе стратешки инвестиции.
Павлова ја потврди целосната поддршка на ЕИБ кон Северна Македонија и регионот во постигнувањето на нивните цели и реформи во согласност со политиките на ЕУ и Стратегијата за проширување на ЕК, и додаде дека оваа финансиска институција на ЕУ е подготвена да обезбеди целосна поддршка за да ѝ овозможи на земјата максимална корист од Економскиот и инвестициониот план на Европската комисија со вкупна вредност од 30 милијарди евра за стратешки проекти во целиот регион.