Владата на СДСМ и министерката за образование, Мила Царовска, денес, на почетокот на новата учебна година, дејствуваат како да се затекнати од ситуацијата и буквално неподготвени учествуваат во еден организиран хаос во кој се наоѓаат учениците, родителите и наставниот кадар. Ова го истакна Иванка Василевска, пратеничка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа обвини дека иако имала на располагање речиси три месеци, Царовска не успеала да обезбеди ниту учебници, па денес реалната ситуација ни покажува дека поради ваквата неспособност на министерката, од еден учебник ќе учат две деца.
„Ова е особено трагично бидејќи во услови на пандемија на Ковид-19, наводно декларираните протоколи за заштита од пандемијата се всушност осило на зараза, во која ризикот и опасностите се директно врз плеќите на нашите деца и на наставниците и професорите кои се фрлени во една апокалиптична безизлезна ситуација. Вака поставената состојба уште на самиот почеток веќе ги покажа своите недостатоци. Јасно е дека во дел од општините денес немаше услови воопшто и да почне првиот училиштен час. Бројката на заразени граѓани е енормно висока, а родителите чувствуваат страв и несигурност и има голем процент кои не се подготвени да ризикуваат и да ги остават своите најмили во опасност од заразување и другите трагични последици како резултат од тоа. И сето тоа поради комплетната неспособност на власта да направи план и сериозна стратегија во интерес на граѓаните“, рече Василевска.
Онаму каде што денес почна наставата во училиштата, евидентно е дека нема ниту соодветни протоколи, а камоли средства за дезинфекција, рече пратеничката.
ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се засилат протоколите. Да се обезбедат брзи тестови за училиштата. Да се обезбедат таблети за учениците што немаат и не може да си дозволат да ги набават. Опозицијата бара и неотповиклива оставка од Мила Царовска и очекува итна реакција и овозможување услови што се издржани.
„Доколку власта не располага со стручни луѓе, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и може веднаш да испорача решенија за излез од оваа траурна состојба“, додаде Василевска.