Папата Франциско престојува денеска во посета на италијанскиот остров Лампедуза, што обично се означува како „вратата на Европа“ за илјадници африкански имигранти.
Во Лампедуза папата фрли венец со свежо цвеке во водите на Медитеранот, во знак за помен на стотиците удавени имигранти кои неуспеале да стигнат до Островот или до европското копно.
Папата ќе одржи и специјална миса на отворено, за сите загинати африкански имигранти, а ќе се сретне и со некои од нив кои се наоѓаат на островот.
Во текот на денешната посета на овој оддалечен италијански остров, папата ќе се сретне и со локалното население и ќе се обиде да ги поттикне да им помагаат на илегалните имигранти.
Лампедуза, каде постојано живеат шест илјади луѓе, често пати се соочува со големи бранови од имигранти од Северна Африка и од подалечните земји на овој континент. Островот се наоѓа на 120 километри од брегот на Тунис, па многумина илегални превозници, со мали, најчесто дрвени бродчиња се обидуваат да префрлат што е можно повеќе имигранти.
Претовареноста и неприспособените пловила не ретко се причина за превртување и потонување на овие бродчиња или тие да се расипат, па со денови да пловат без контрола по морето.
Стотици луѓе досега се загинати во такви несреќи. Неколку часови пред да пристигне папата, еден таков брод со имигранти од Еритреја, пристигна во Лампедуза. Илегалните имигранти прво се прибираат во привремен центар на островот, а потоа се префрлаат на копното, од каде се враќаат во своите земји.
Најголем број илегални имигранти на Лампедуза имаше во 2011 година, за време на така наречената „арапска пролет“ во земјите од Северна Африка.