Шест поетски остварувања се избрани во потесниот круг за наградата „Антево перо“ за 2021 година и од нив ќе биде прогласена победничката стихозбирка.
Тимот на „Антево перо“ денеска соопшти дека тоа се поетските книги: „Ѕвезден часовник“ на Димитар Арнаудов, „Небесни разговори“ на Братислав Ташковски, „Сите болки станаа мои“ на Елизабета Баковска, „Опит“ на Сузана Мицева, „Позлатено распетие“ на Ивица Челиковиќ, и „Светец“ на Ирена Павлова Де Одорико.
Одлуката ја донесе жири-комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови) на својот втор состанок.
Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски.
Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети кои творат на македонски јазик и потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше: „Круг на права линија“ на Софија Тодороска „Твоите далги на брегот на Стикс“ на Марија Филипова и „Мечти“ на Мартина Даниловска.