Албанскиот премиер Еди Рама, во врска со континуираните одложувања на отворањето на пристапните преговори за членство на Албанија и Македонија во ЕУ, двете земји ги споредува со ликовите од драмата „Чекајќи го Годо“, а ЕУ со нејзиниот автор Семјуел Бекет.
-Нашите две земји, Албанија и Северна Македонија, станаа како ликовите во „Чекајќи го Годо“, а ЕУ многу личи на авторот Семјуел Бекет. Италија беше наш верен поддржувач цело време. Прво Ренци, потоа Гентилони, па Конте и особено Ди Мајо не можеа да се ангажираат повеќе од тоа за да потврдат дека заслужуваме отворање преговори. Но, ЕУ е далеку од стратешки потег и премногу често изборите во една или друга земја се поважни од целите за иднината на идната генерација на Европа, изјави Рама за италијанската новинска агенција АНСА.
Додава дека не е ниту оптимист, ниту песимист, туку едноставно реалист.
-Знам, но и сите знаат дека ова не зависи од нас, туку од Европската унија. Сега, повеќе од две години, направивме сè што беше неопходно за формален почеток на пристапните преговори. Но, тие сè уште не го одржаа своето „ветување“ поради нивните проблеми и затоа што Бугарија ја блокира Северна Македонија, оценува Рама.
Според него, Албанија направила се за да биде дел од Европската унија, но продолжува да биде блокирана поради ветото што Бугарија и го ставила на Северна Македонија.
-Така, сосема необјасниво, Албанија исто така, треба да чека Бугарија да го укине ветото против Скопје. Во секој случај, мислам дека овој напор ни помага да разбереме дека треба да одиме напред што е можно повеќе, без да се залажуваме себе си, и никогаш да не се откажуваме од остварување на сонот на многу генерации, а тоа е да бидеме составен дел на Европа, по секоја цена, вели Рама, потсетувајќи на познатиот израз „по секоја цена“, кажан од Марио Драги.
Рама констатира дека Албанија и Северна Македонија, кои ги исполнија сите критериуми и барања од Брисел „спроведуваат тешки реформи, но ќорсокакот продолжува“.
„Чекајќи го Годо“ е антидрама (театар на апсурдот), која претставува празнина, чекање како празно дејство. Во неа има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо – само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.