Талибанците војната во Авганистан ја прогласија за завршена и ветија амнестија за сите, Западот внимателен

Од:

Откако пред два дена, речиси без никаков отпор, ја освоја целкокупната власт во Авганистан, талибанците вчера војната во оваа земја ја прогласија за завршена. Во своето прво појавување во јавноста преку портпаролот на движењето Забихула Мухаџид, тие ветија амнестија за сите Авганистанци и почитување на дел од западните вредности, што не беше случај при нивното прво неколкугодишно сурово владеење со оваа истоштена земја. Во Кабул е релативно мирно, без поголеми инциденти, што е веќе поздравено од дел од „големите играчи“ на светската сцена. И на аеродромот во главниот град се чини Американците го вратија редот и дисциплината, за процесот на евакуација на странците и Авганистанците, кои сакаат да си заминат, да може да тече непречено.

Се уште е непознаница што ќе донесат следните денови и недели и колку Западот може да им верува на ветувањата на талибанците, заради нивото претходно искуство, но, се чини, и САД и Русија , но и ЕУ, полека ја подотвораат можноста за идна, евентуална соработка со нив, само под услов да ги почитуваат меѓународните обврски, на што првично завчеравечер повика Советот за безбедност на Обединетите нации. САД, Русија, Иран и уште неколку земји најавија дека нивните дипломатски претставништа ќе продолжат со работа во земјата и под власта на талибанците, додека тие од своја страна повеќе пати нагласија дека сиот дипломатски имот е безбеден.

Паралелно со овие процеси во Авганистан, меѓу највлијателните земји во светот, но и меѓу членките на НАТО и ЕУ, срамежливо но се погласно почнуваат да се бараат причините за фијаското во земјата на паштуните, како и да се лоцира одговорноста. Почнаа прозивките и префрлањата за одговорност за крахот на системот што се градеше 20 години, а почна да тоне со најавата на американскиот претседател Џо Бајден од 1 мај до крајот на август да почне и заврши повлекувањето на американските и сите странски војски од Авганистан. Планот за повлекување, со договорот од Доха, лани го постигна претходниот американски претседател Доналд Трамп.

Талибанците во своето прво јавно појавување по освојувањето на власта од прозападната влада на Ашраф Гани, објавија дека војната во Авганистан е завршена и дека сите нивни противници ќе бидат помилувани.

„Војната заврши … лидерот им прости на сите“, рече портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, додавајќи дека тие се посветени да им дозволат на жените да работат во согласност со принципите на исламот.

Муџахид на светот му ги соопшти плановите на оваа милитантна група во Авганистан, порачувајќи им на жителите на Кабул дека нема причина да се грижат, но посочи дека нивните постапки биле неопходни поради слабоста на претходната влада.

– За жал, претходната влада беше слаба и не ги исполни ветувањата. На улиците немаше полиција, закон и ред, бандите почнаа да ја преземаат власта во земјата, но името на Исламска држава се уште се користеше. Немавме друг избор освен да дејствуваме и да ги пуштиме нашите војници да влезат во градот, рече Муџахид.

Тој на жителите на Кабул им порача дека немаат причина за паника, и дека нивната безбедност е приоритет.

-Ви ветуваме дека ќе бидете безбедни, бидејќи доаѓаме со најдобра намера, изјави поертпаролот на талибанците.

Откако завчеравечер СБ на ОН побара од талибанците „новата авганистанска влада да биде обединета, инклузивна и репрезентативна“, а во неа да бидат вклучени и женски претставници, вчера Европската унија на вонредна средба на шефовите на дипломатиите изгради став дека ќе соработува со авганистанската Влада, по враќањето на талибанците на власт, доколку тие ги почитуваат основните права и го спречуваат тероризмот, изјави високиот претставник на Унијата, Јосеп Борел.

-Соработката со која било идна авганистанска Влада ќе биде условена со мирното и инклузивно решение и почитување на основните права на сите Авганистанци, вклучувајќи ги и жените, девојките и припадниците на малцинствата, рече Борел.

Гаранциите на талибанците дека ќе ја почитуваат слободата на мислење во Авганистан се позитивен знак,соопшти официјална Москва, и додаде дека ги повикува сите страни да се вклучат во дијалогот. Со своја позитивна оценка за првите пораки што доаѓаат од талибанците вчера се појави и Турција.

-Фактот дека талибанците во Кабул прокламираат и во пракса докажуваат дека имаат намера да ги почитуваат мислењата на другите, за мене е позитивен знак, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Русија го поддржува почнувањето на „национален дијалог“ во Авганистан „со учество на сите политички, етнички и верски сили“ во земјата, додаде тој.

-Гледаме знаци на надеж на страната на талибанците, кои изразуваат желба за влада со други политички сили, рече тој, наведувајќи го како пример ветувањето на талибанците дека ќе го почитува правото на образование на девојчињата.

Но, од друга страна, во јавноста се погласни се критиките за фијаското , неуспехот, крахот, срамот на НАТО во Авганистан. Со критика прво излезе германскиот претседател Франк -Валтер Штајнмаер, кој сето ова што изминативе два дена се случува во Кабул, особено на аеродромот, го нарече „срам за Западот“, додека чешкиот претседател Милош Земан изјави дека очекува Авганистан да стане терористички центар под раководство на талибанците, критикувајќи го НАТО за повлекување од земјата погодена од конфликтот.

– Талибанците ќе создадат терористички центар на авганистанска територија. Тоа ќе доведе до продолжување на терористичките напади буквално низ целиот свет, изјави Земан.

Со слична порака е и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој смета дека поради враќањето на талибанците на власт во Авганистан постои закана од меѓународен тероризам, додавајќи дека Алијансата „мора да биде будна за да остане во првите редови на борбата против тероризмот “.

Тој на прес -конференцијата во Брисел призна дека изненадувачка е брзината на колапсот на авганистанската национална армија, по напредокот на талибанците, и дека НАТО може да извлече поуки од тоа, но дека главниот фокус денеска е на извлекувањето на луѓето од земјата.

Ген-секот на НАТО ги повика талибанците да го олеснат заминувањето на сите оние кои сакаат да го напуштат Авганистан и соопшти дека НАТО се согласила да испрати дополнителни авиони во Кабул за евакуација.

Столтенберг призна и дека во нивните редови има незадоволство од неуспехот да се постигнат подобри резултати по толку години ангажман во Авганистан, наведувајќи дека никој не очекувал таков брз колапс на авганистанските безбедносни сили и владата.

-Талибанците мора да го спречат Авганистан повторно да стане жариште на тероризмот. Оние кои сега ја преземаат власта имаат одговорност да обезбедат меѓународните терористи да не ги повратат своите упоришта, изјави Столтенберг пред новинарите во Брисел.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан изјави дека внимателно ги следи случувањата во Авганистан и дека „е најзагрижен поради неодамнешните извештаи за ескалација на насилството во земјата“.

Обвинителот нагласи дека ги одразува ставовите изразени во Советот за безбедност во врска со инцидентите, за кои рече дека може да претставуваат кршење на меѓународното хуманитарно право.

Според него, тоа вклучува наводи за „вонсудски егзекуции, како што се убиства од одмазда на затвореници и поединци кои се предале, прогон на жени и девојки, злосторства против деца и други злосторства кои го погодуваат цивилното население“.

Американското Министерство за одбрана во саботата испрати војници на аеродромот во Кабул за да ги брани излезните опции, додека талибанските бунтовници влегоа во Кабул по молскавична опсада низ целата земја и ја презедоа власта.

Вчера бројот на американски војници е зголемен од 2.500 на околу 4.000. САД имаат за цел да го зголемат воздушниот сообраќај до ниво од еден полет на час, за да можат дневно да превезат меѓу 5.000 и 9.000 патници.

Би можело да ве интересира

Авганистан: Талибанците со закон им забранија на жените да зборуваат јавно

Авганистанска брачна двојка си ја уби 15 годишната ќерка во Германија: Брутално претепана и удавена

УНИЦЕФ ги повика талибанците да дозволат девојчињата да се вратат на училиште

Во и поплавите во Авганистан загинаа најмалку 50 лица

Тројца шпански туристи загинаа во Авганистан

Горан Наумовски

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан