Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) денескапотврди дека очекува силно закрепнување на побарувачката на нафта оваа година и покрај ширењето на сојот Делта од коронавирусот, признавајќи дека темпото на заздравување по пандемијата ќе биде диктирано од Ковид-19.
Се очекува побарувачката да порасне за 5,95 милиони барели дневно оваа година, или 6,6 проценти во споредба со пандемиската 2020 година, проценува нафтениот картел во месечниот извештај, потврдувајќи ја јулската прогноза. Во 2022 година, потрошувачката на горива ќе порасне за 3,28 милиони барели дневно, проценува ОПЕК, исто така потврдувајќи ги прогнозите од минатиот месец.
„Светската економија се уште закрепнува“, наглчасуваат од ОПЕК, истакнувајќи, сепак, „голем број предизвици што многу лесно би можеле да го задушат тој импулс“.
„Треба да се посвети посебно внимание на настаните поврзани со Ковид -19“, нагласуваат тие.
Нивната прогноза е во спротивност со онаа на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која денеска ја намали прогнозата за побарувачка за втората половина од годината поради ширењето на Делта сојот од коронавирусот, пресметувајќи дека ќе биде пониска за половина милион барели дневно од проценките во јули.
Светската економија годинава ќе порасне според проценките на ОПЕК за 5,6 проценти, за 0,1 процентен поен посилно од претходно очекуваното, под претпоставка дека владите ќе успеат да ги сопрат ефектите од пандемијата и со високо ниво на неизвесност.
Прогнозата за раст за 2022 година исто така беше зголемена за 0,1 процентен поен, на 4,2 проценти. „Текот на пандемијата со Ковид -19 ќе биде главен фактор што ќе влијае врз темпото на закрепнување на краток рок, а посебен ризик е можната појава на нови варијанти на Ковид -19 и/или мутации (на вирусот)“.