Талибанците денеска ја презедоа контролата врз уште еден провинциски главен град во Авганистан, изјави авганистански официјален претставник.
Според Мохамад Нор Рахмани, шеф на советот на северната провинција Сар-е Пул, Талибанците го зазеле главниот град на таа провинција по повеќе од една недела отпор на авганистанските безбедносни сили, по што градот Сар-е Пул е под нивна контрола.
– Владините сили сега целосно се повлекоа од провинцијата. Неколку провладини команданти од локалната полиција им се предадоа на Талибанците без борба, што им овозможи на бунтовниците да ја преземат контролата врз целата провинција, истакна Рахмани.
Градот Сар-е Пул е четвртиот град во некоја провинција што им припаѓа на Талибанците, откако три други провинциски престолнини се најдоа под нивна целосна контрола: Заранџ, главниот град на западната провинција Нимроз, Шиберхан, главен град на северната провинција Џаузџин и Талекан, главниот град на втората северна истоимена провинција.
Талибанците, исто така, се на праг да ја преземат контролата врз градот Кундуз, главниот град на истоимената провинција. Заземањето на тој град ќе биде значајна добивка за Талибанците и тест за нивната способност да окупираат и задржат територија согласно нивната кампања за борба против владата, поддржана од Западот.
Тој е еден од најголемите градови во земјата со повеќе од 340.000 жители и беше клучно подрачје кое западните трупи го бранеа со години од преземањето на Талибанците.
Офанзивата на талибанските бунтовници низ земјата се интензивираше кога американските и НАТО трупите почнаа ова лето да го завршуваат повлекувањето од Авганистан.