По осум денови во болницата „Систина“, притвореникот и ексдиректор на УБК, Саши Мијалков е вратен во затворот во “Шутка”. Тој повеќе нема болки во стомакот, а во приватната болница направени му се низа испитувања по што е испуштен во добра здравствена состојба, без сериозни нарушувања. Како што дознава „А1он“ тој е испишан од болницата со терапија против стомачни и желудочни киселини.
Вчера, доцна вечерта е вратен во ќелијата во затворот „Скопје“. Терапијата ќе му ја дава домскиот доктор, кај кого се немаше пожалено дека има здравствени проблеми, туку бараше да биде прегледан во приватната болница.
Ова е втор пат како во еден месец Мијалков бара да биде однесен на прегледи во болницата „Систина“. Првиот пат се жалеше на проблеми со очите, печење и црвенило. Тогаш, не беше задржан и откако му беа направени прегледи беше веднаш вратен во затворот.
Ексдиректорот Мијалков беше спроведен во затворот во Шуто Оризари на крајот на февруари откако му беше изречена казна затвор од 12 години за масовното прислушување, односно судскиот процес „Таргет – Тврдина“. Притворот му беше продолжен сè до пресудата за судскиот процес „Трезор“ за набавката на опремата за нелегално прислушување каде што обвинителите одново побараа притвор за Мијалков сè до правосилност на пресудата. За случајот „Трезор“ Мијалков доби казна затвор од 8 години, која сè уште не е правосилна. Вкупно, за двата предмети, Мијалков има 20 годишна затворска казна која не е правосилна. Последно, тој доби ослободителна пресуда за предметот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошковски.