По пријава од граѓани за излеана темна дамка во реката Вардар кај Градско, Државниот инспектор за животна средина (ДИЖС) темелно ги истражи можните извори и утврди дека излевањето потекнува од оранжериите Вардар АД од Градско, по што за правното лице е изречена казна од 20.000 евра во денарска противвредност за загадување на површински води, согласно Законот за води, информираа денеска од ДИЖС.
Според информациите, наведуваат од во соопштение, мазутот не се користел и истекувањето се случило од небрежност и неодржување на складиштето со преостанатите резерви.
-Наредено е и чистење на остатоците од излевањето во кругот на оранжериите, како и склучување договор со компанија лиценцирана за транспорт и отстранување на опасен отпад, посочуваат од ДИЖС.
Од Инспекторатот дополнуваат дека наредниот ден е извршен и дополнителен контролен надзор при кој е утврдено дека правното лице има постапено по наредбата.