Албанија и понатаму е една од најкорумпираните земји во Европа, според Индексот за перцепција на корупција и други показатели, го пренесува Ора њуз, последниот извештај на американскиот Стејт департмент, каде повторно се изнесени остри критики за деловната клима во земјата.
Според извештајот странските инвеститори ја наведуваат корупцијата, посебно во судството, каде што неефикасните процедури ја поткопуваат заштитата во Албанија, поради што мора да бараат меѓународна арбитража за решавање на недоразбрањата. Притоа, посебно се наведува случајот на една американска компанија.
„Во 2019 и 2020 година, напорите на една амерканска компанија да инвестира се спречени со неколку судски одлуки и сомнителни активности на заинтересирани страни. Работата сега е на меѓународна арбитража“, стои во извештајот.
Според истиот извор како и во многу други извештаи, на што редовно предупредуваат и медиумите, државните тендери исто така остануваат предизвик.
Во извештајот се наведува дека пречка за странските инвеститори останува и недостигот на транспарентност во системот за јавни набавки, но и лошото спроведување на договорите. За голем товар за албанската економија се сметаат и концесиите.
„Зголемената употреба на договори за јавно приватно партнерство ги намали можностите за конкуренција, вклучувајќи ги и странските инвеститори, во инфраструктурата и другите сектори. Лошата анализа на трошоците и придобивките и недостатокот на техничка експертиза во изготвувањето и следењето на договорите за ЈПП се тековни грижи“, се наведува во извештајот.
Се посочува дека правата на сопственост и понатаму се предизвик во Албанија, затоа што е „тешко да се добие јасна потврда, а различните имиња во имотните листови се сметаат за сериозно и вообичаено прашање“.