Без да чека правосилност на судската одлука на Вишиот управен суд, Горан Герасимовски, директор на Државниот завод за индустриска сопственост, ја избришал трговската марка „Беби биф“ на „Зола компани“ од Светскиот трговски регистар. Зоран Лазаревски, сопственикот на „Зола компани“, вели дека директорот Герасимовски немал никакво право да ја избрише трговската марка од Светскиот регистар и се сомнева дека ваквата постапка, како и одлуката за ништовност на Вишиот управен суд, се носат за да се ослободат од одговорност маркетите „Тинекс“ и „Веро“, со кои води судски постапки, оти и покрај тоа што ги раскинале договорите со него, продолжиле да продаваат месо претставувајќи го со името на неговиот бренд – „Беби биф“.
Директорот Герасимовски одби да снимиме изјава и од него. Тој, вчера, телефонски, беше дрзок и со навреди се обиде да се вмеша во уредувачката политика на „А1он“ кога го прашавме за објаснување зошто не почекал одлуката за ништовност на трговската марка да стане правосилна, па тогаш да ја избрише од Светскиот трговски регистар.
„Вие сте инструирани, разбирам како одат овие работи. Зошто ме барате на мојот приватен број, јас имам службен“, рече директорот Герасимовски, а кога му укажавме дека не може на таков начин да разговара со нас, се извини укажувајќи дека „никого не сакал да навреди“.
Одби да го снимиме оти смета дека „во овој момент тоа не е во ред“. Тој е еден од кандидатите што побараа партиска поддршка од СДСМ за градоначалници на Центар.
Денес, преку имејл испрати одговори во кои тврди дека не ја избришал трговската марка оти таа никогаш не била впишана таму наспроти изводите од Светскиот трговски регистар, во кои „Беби биф“ се гледа дека е заведена како национална трговска марка. Избегна да одговори зошто не ја почекал судската одлука, која е веќе обжалена, да стане правосилна.