Фестивал „Цело е кога се има 30“ во Прилеп по повод 30 години од независноста

Од:

Од 21 август до 5 септември во Прилеп и во Крушево ќе се одржува фестивалот „Цело е кога се има 30“ по повод 30 години независност на државата. Организатор на фестивалот е театарската работилница „Чин 4, сцена 5“ од Прилеп.

Според Саша Нацевски, раководител на работилницата, станува збор за мултимедијален фестивал кој ќе понуди бројни содржини во Прилеп и во Крушево.

– Фестивалот „Цело е кога се има 30“ е мултимедијален зашто ќе понуди различни содржини: концерти, театарски и танцови претстави, изложби, работилници, рече Нацевски.

Фестивалот ќе понуди 17 настани од 21 август до 5 септември. Како што објаснува проект-менаџерот Звонко Димоски, фестивалот ќе понуди и проекти посебно подготвувани за оваа манифестација.

Посочи дека за настанот биле инспирирани од кампањата од 1990-тите со впечатливиот наслов „Цело е кога има се“. Во Фестивалот, рече тој, има девојка Македонка која го следи текот на настаните. Програмата ќе биде сработена како стрип-книга, а Македонка ќе се едуцира разговарајќи со учесниците и со изведувачите и преку тоа, таа ќе ја осознава важноста на музиката, уметноста, естетското однесување.

-На тој начин сакаме да учествуваме во креирањето нови публики во нашиот град и во нашата заедница. На Фестивалот некои настани се и креирани токму за оваа намена. На пример, танцовата претстава што ја подготвува танцовиот колектив „Икс на квадрат“ од апсолвенти на академијата ЕСРА и од Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“ од Скопје со танцова претстава според драмата „Парадоксот на Диоген“ од Томе Арсовски. Од друга страна, првпат со дел прилепски актери ќе биде изведена еден вид вариете-програма, посветена на бардовите на македонската поезија, а има и премиерни изведби на албуми и концерти. Ќе има и креативни работилници во Прилеп и во Крушево, соопшти проект-менаџерот Димоски.

Фестивалските настани во Прилеп ќе се одржат на: летната и на големата сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“, во народниот театар „Војдан Чернодрински“, пред Саат-кулата, а во Крушево пред „Македониумот“ и на летната сцена од Музејот на НОБ.

Фестивалот е по повод 30 години независност и се организира со финансиска поддршка на Владата. Конкурсот беше објавен како дел од ковид-мерките за поддршка на индустријата за организирање настани. Од 104 апликанти, фестивалот е меѓу 33-те одобрени проекти.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп

Две деца од Прилеп здобиле изгореници откако пламнал пожар во нивната куќа

Горан Наумовски