Официјална Атина засега молчи за писмото што македонскиот премиер Никола Груевски му го испратил на грчкиот колега Андонис Самарас, јави дописникот на МИА од Грција.
Во канцеларијата на портпаролот на грчката Влада, Симос Кедикоглу велат дека за писмото слушнале од медиумите. На прашањето на МИА дали Самарас ќе ја прифати поканата на Груевски, или дали барем ќе одовори на писмото, добивме одоговор дека е многу тешко за еден ден да добиеме коментар и оти ќе се направат обиди со цел Кедикоглу да ни даде некаков одговор.
Премиерот Никола Груевски минатата недела му испратил писмо на премиерот на Република Грција, Андонис Самарас, во кое од својот колега бара да го надминат застојот во разговорите за името. Груевски во писмото предлага создавање тимови преводени од нив лично, во кои веројатно би биле вклучени и министрите за надворешни работи на двете земји и кои во интензивни разговори заедно со медијаторот Метју Нимиц би барале решение за спорот со името.
Високи дипломатски извори за МИА потврдија дека Самарас го добил писмото и оти тоа сега се разгледува.
Минатата година на 4 септември, Самарас ги одби поканите за средби кои претходно писмено му ги упати премиерот Груевски. Македонскиот премиер тогаш понуди четири датуми за средби во август и септември. Во писмото Самарас ги одби барањата за средби и ги демантираше обвинувањата дека Грција го попречува европскиот пат на Македонија.