Беливук проговорил за односот со српските власти: Му вршев разни услуги на Вучиќ

Од:

Озлогласениот шеф на српска криминална група осомничен за редица брутални ликвидации, Вељко Беливук, на сослушувањето пред обвинителите, кое е извршено пред две недели, зборувал за неговиот однос со српските власти и конкретно со претседателот Александар Вучиќ.

Тој им раскажал на обвинителите дека Вучиќ и негови соработници од врвот на Српската напредна странка од него барале повеќе различни услуги – да спречи навивачите на Партизан да извикуваат пароли против Вучиќ, да ги заплашува организаторите на антивладини протести, да обезбеди мир на „Парадата на гордоста“, но и да влијае врз здруженијата на таксисти да го откажат протестот против апликацијата за превоз „CarGo“, пишува новинарската мрежа за истражување на криминалот и корупцијата „Крик“, повикувајќи се на транскрипт од сослушувањето на Беливук.

Се очекува обвинението против Беливук, познат како Веља Неволја, да биде поднесено на почетокот на август. Поранешниот водач на фракцијата на навивачи на Партизан „Принципи“ наводно работел за црногорскиот криминален Кавачки клан.Тој е осомничен за пет убиства, еден случај на измачување и за трговија со дрога. Фотографии од обезглавените и искасапени тела беа повеќепати прикажувани во српските медиуми од страна на претставници на власта.

Криминалната група на Веља Неволја со години имала силни контакти во власта, пред сѐ во полицијата и во извршната власт, а независните медиуми во Србија подолго време укажуваа на овие врски. Според „Крик“, стенограмот од сослушувањето на Беливук на 5 јули фрла ново светло и ја продлабочува приказната за контактите меѓу криминалците и политичарите.

Пред обвинителите, Беливук најпрвин кусо кажал дека не е криминалец, туку водач на навивачи, како и дека не е виновен за убиствата, киднапирањата и дилањето дрога, но и одбил да одговара на прашањата околу тоа. Тој самоиницијативно почнал да зборува за неговите односи со луѓето од власта.

„Решив сѐ убаво да раскажам за мојот однос со претседателот на Србија Александар Вучиќ“, со министерот за полиција Александар Вулин, со братот на Вучиќ, пријателите, кумовите и сите останати политичари кои од нас бараа услуги, а сега се прават дека не се познаваме и ги „мијат рацете“ од нас“, им кажал Беливук на обвинителите кои го сослушувале.

Тој рекол и дека контактот со претседателот главно го одржувал преку хулиганот Александар Видоевиќ, познат како Аца Рошави, кој е пријател на синот на Вучиќ, но и дека со претседателот наводно неколкупати и лично се сретнал. Тој на сослушувањето се заканил и дека во иднина ќе раскаже и повеќе детали „доколку одредени луѓе не е опаметат“.

Иако е тешко да се процени што е точно, а што не од она што Беливук го кажал, одредени детали се поклопуваат со она што претходно се претпоставуваше во јавноста – дека групата на Беливук имала улога во контролирањето и задушувањето на протести во земјата, како и дека криминалците имале силни врски со власта, пишува „Крик“.

Според исказот на криминалниот шеф, тој бил член на Српската напредна странка од 2011 година, а кумот на Вучиќ и еден од клучните луѓе на партијата, Дарко Глишиќ, му бил „долгогодишен пријател“. Беливук пред обвинителите меѓу другото тврдел и дека навивачката група „Принципи“ настанала токму на барање на Вучиќ, кој имал проблеми да обезбеди контрола врз навивачите во времето кога Беливук бил во притвор во 2016 година.

Новинарите го барале и претседателот Вучиќ за коментар, но неговата советничка за медиуми Сузана Васиљевиќ им кажала дека тој нема да дава коментар за ова сѐ додека истрагата е во тек. Во исто време, Вучиќ денеска најави дека во сабота повторно ќе гостува на телевизијата „Пинк“, каде ќе открие нови детали за случајот.

Би можело да ве интересира

Македонски автобус заглави во снегот во Србија, се излизга и удри во банкина

Катерина Ѓуровски

Фицо: Словачка никогаш нема да ја изневери Србија по прашањето за Косово

Вучиќ: За прв пат во историјата на Србија, двајца министри поднесоа оставки

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

11 уапсени за трагедијата во Нови Сад, приведен и Горан Весиќ

Катерина Ѓуровски

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски