Пресудата за „Рекет“ ќе заврши на вонредно преиспитување во Врховниот суд. Ова за „А1он“ го потврди Ирена Фрчкоска, адвокат на Катица Јанева. Таа вели дека се уште ја немаат добиено пресудата од Апелација. Без неа, Јанева не може да добие упатен акт за издржување на затворската казна. Пресудата до овој момент не е објавена ниту на веб-страницата од скопска Апелација.
„Ние ја немаме добиено пресудата, а камо ли упатен акт. Прво треба да се прими пресудата од страна на сите обвинети, адвокати. Како вонреден правен лек може да се користи преипспитување на пресудата од Врховен. Тоа сигурно ќе го искористиме“, вели Фрчкоска.
„А1он“ се обиде да исконтактира и со Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски, но не успеавме да го добиеме. Не се знае дали тој и неговиот клиент ја имаат добиено пресудата. Одговор за изготвувањето на упатните акти за издржување на казната нема ниту од Кривичниот суд.
Апелационен суд Скопје како неосновани ги одби жалбите на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева за случајот „Рекет“ и ја потврди првостепената пресуда.
Судот донесе пресуда за предметот „Рекет“ и го осуди Бојан Јовановски-Боки 13 на 9 години затвор, додека на Катица Јанева и одреди 7 години затвор.
На Јовановски му беа ставени на товар две кривични дела, примање награда за противзаконито влијание за кое казната е една до 10 години затвор, а исто толку е и казната за другото дело што му се става на товар, односно, перење пари и други приноси од казниво дело. Јанева пак, Обвинителството ја товареше за злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 3 години. Милески-Кичеец беше веднаш осуден на три години затвор за примање награда за противзаконско влијание, по претходно признавање на вина.