Црногорскиот државјанин Ристо Јовановиќ, кој беше уапсен на празникот Видовден во Газиместан кај Приштина, денеска е осуден на шест месеци затвор за предизвикување раздор и нетрпеливост, по што беше пуштен од притвор и ќе плати околу 6.700 евра за слободата.
28-годишниот Јовановиќ беше уапсен на влезот на спомен-обележјето Газиместан, откако побара од полицајците да не претресуваат калуѓерка која беше со него. Според косовската полиција, тој бил уапсен поради тоа што пеел провокативни песни.
Косовски суд го осуди црногорскиот државјанин на шест месеци затвор и петгодишна забрана за влез на Косово, а тој ќе треба да плати и дополнителни 150 евра за судски трошоци, како и 30 евра за „навреда на жртвите“.
Адвокатката на Јовановиќ, Јована Филиповиќ, се согласила затворската казна да се замени со парична во износ од 6.700 евра, но најави и дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд. Сестрата на Јовановиќ во текот на денот ги донела парите, по што тој веднаш бил ослободен. По излегувањето од притворот во Косовска Митровица, Јовановиќ изјави дека не е виновен за она за што го осудиле, како и дека во деновите кога бил затворен, „се уверил кој му е најголемата поддршка“.