Стриминг-платформата Нетфликс планира да инвестира повеќе во видеоигри, бидејќи очекува извесен раст на бројот на претплатници на услугата за стриминг поради конкуренцијата и укинувањето на пандемиските ограничувања.
Нетфликс бележи многу побавен раст во бројот на нови претплатници по врвот кој беше достигнат во пандемиската 2020 година, поттикнат од мерките за затворање и ограничувањата на движењето кои ги наметнаа властите ширум светот.
Компанијата соопшти дека почна со проширување на својата понуда со видеоигри кои ќе им бидат достапни на претплатниците без дополнителни трошоци и првично ќе се фокусираат првенствено на игри за мобилните уреди.
– Оценуваме дека игрите се нова содржина, слична на нашето проширување со оригинални филмови, анимации и телевизиски емисии без сценарија, се наведува во соопштението на Нетфликс.
Компанијата соопшти и дека во вториот квартал од годината привлекла 1,54 милиони нови претплатници и сега има вкупно 209 милиони. Во истиот период минатата година, на почетокот на пандемијата, тие забележаа 10,1 милиони нови претплатници.
Во периодот од јули до септември, тие очекуваат нови 3,5 милиони претплатници. Приходите на Нетфликс се зголемија за 19 проценти во вториот квартал, на 7,3 милијарди долари. Нето добивката скоро двојно се зголеми на 1,35 милијарди долари.
Пандемијата оваа година негативно се одрази врз производството на ТВ продукцијата на Нетфликс, со што се стесни изборот на нови наслови. Компанијата најави подобрување во втората половина на годината.