Рочиштето за предметот „Тендери“ кој беше влезен во давање завршни зборови, односно беше пред пресуда се одложува до назначување на нов судија-поротник, соопшти Кривичниот суд. Со разрешувањето на поротникот овој предмет ќе се суди од почеток.
Ова доаѓа откако поротникот Митко Сандев беше разрешен од функцијата по барање на претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев. Од Судскиот совет образложија дека Сандев има наполнето 60 години и според Законот за судии, тој повеќе не може да ја извршува функцијата.
Пред два дена, рочиштето за „Тендери” се одложи бидејќи обвинета имала дијареа и повраќала, па адвокатот посочи дека таа не можела да дојде на судењето. Веќе наредниот ден, дојде и разрешувањето на Сандев.
Случајот „Тендери“ којшто се однесува на тендерот за изградба на Музејот на македонската борба е во фаза на давање на завршни зборови. Во овој случај, првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска.