Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека ги анализира податоците за ретки случаи на нарушувања на нервниот систем пријавени меѓу примателите на вакцината на Џонсон и Џонсон против Ковид-19, откако САД издадоа предупредување за несакани ефекти на оваа вакцина.
– Комитетот за безбедност на ЕМА ги анализира податоците кои ги достави компанијата Џонсон и Џонсон за случаи на синдромот Гилен-Баре (ГБС) пријавени по вакцинирањето, соопшти ЕМА, додавајќи дека биле побарани дополнителни информации од Ј&Ј.
Претходно, администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) издаде ново предупредување за вакцините на Џонсон и Џонсон (Ј&J), нагласувајќи дека податоците сугерираат оти постои зголемен ризик од развој на ретко невролошко нарушување шест недели по вакцинацијата.
Во писмо на компанијата до ФДА се наведува дека шансите за развој на ГБС по вакцинацијата се „многу мали“. Но, додаваат дека оние кои примиле вакцина на Џонсон и Џонсон треба да побараат лекарска помош доколку се чувствуваат слабо и имаат проблеми при движење.