Европскиот комесар за проширување Штефан Филе пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент инсистираше на тоа дека сите држави од регионот на Западен Балкан треба да продолжат одлучно да работат и да се движат кон ЕУ.
– Процесот на проширување нема да биде завршен ако сите земји од регионот и сите народи од Западен Балкан не ги искористат придобивките од Обединета Европа, рече Филе.
Што се однесува за Македонија, еврокомесарот посебно инсистираше на она што досега го имаше речено за земјата, односно залагањето на Комисијата за давање датум за преговори со јасна перспектива за решавање на прашањето за името според предлозите на Метју Нимиц.
Филе пред европратениците посебно инсистираше и на потребата од целосно спроведување на договорот од 1. март меѓу политичките партии од Македонија, за разјаснување на настаните по 24 декември. Еврокомесарот очекува комисијата формирана врз основа на договорот од март година да си ја заврши работата.
Кога Штефан Филе започна да говори за европските перспективи на Македонија, неговиот лапсус предизвика смеа кај присутните на состанокот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, откако тој сакајќи да зборува за „поранешната југословенска Република Македонија“, тој ја нарече земјата „поранешна југословенска република Југославија“, пред да ја исправи грешката.
– Мислам дека е време да направиме нешто во врска со прашањето за името. Време е за тоа, време е за тоа, рече Филе.