Денеска во водите на Преспанското Езеро беше спуштен брод за мониторинг и истражување на езерскиот екосистем.
Мониторинг бродот е обезбеден од страна на Проектот за заштита на Преспанското Езеро финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).
Станува збор за еден од најважните проекти од областа на животната средина во Преспа кој се спроведува во рамките на партнерството помеѓу Општина Ресен и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Мониторинг бродот е дел од пошироките напори за воспоставување на сеопфатен систем за мониторинг и управување на езерото, а со цел обезбедување на негова соодветна заштита. Бродот е опремен со софистицирана опрема за следење на квалитетот на водите, езерското дно, живиот свет и други параметри со чија помош ќе се утврдува еколошкиот статус и промените во езерото.
„Пристигнувањето на овој мониторинг брод е од огромна важност за нас. Со негова помош во голема мера ќе се подобрат капацитетите на општината за исполнување на новостекнатите, децентрализирани обврски на општината за управување со езерото и другите природни ресурси“, изјави Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Општина Ресен.
По завршувањето на периодот на тестирање на опремата, бродот веднаш ќе започне со редовен мониторинг на езерските води.
Покрај бродот, на брегот на Преспанското Езеро, во село Стење, со поддршка на овој проект наскоро ќе се воспостави мониторинг станица опремена со најсовремена лабораторија.