Орбан: Среќа наша што Словенија ја води ЕУ, а Јанша ја води Словенија

Од:

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во Љубљана, каде што се одржува состанок на премиерите на Вишеградската група (В4), рече дека „имаме среќа што во овие тешки времиња“ Словенија претседава со ЕУ, а нејзината влада ја води Јанез Јанша.

– Имаме среќа што во овие тешки времиња Словенија претседава со ЕУ и нејзината влада ја води Јанез Јанша, рече Орбан, чија земја од Полска го презеде ротирачкото претседателство со Вишеградската група на држави од Централна Европа.

Премиерите на В4 денеска во Љубљана разговараа за актуелни европски теми, а исто така се состанаа со словенечкиот премиер Јанша, чија земја на 1 јули го презеде претседателството со Советот на Европската унија.

Орбан изјави дека во ЕУ веќе не постои поделба на стари и нови членки, туку дека денес е поделена на оние земји чијшто национален долг е висок, и имаат низок раст и проблеми со неконтролирана миграција, додека од друга страна се стабилни земји во средна Европа што ги контролираат овие процеси и имаат стабилност, низок долг и високи прогнози за раст.

– Јанша има тешка и одговорна задача да ги поврзе двете категории држави, рече Орбан.

Тој додаде дека словенечкиот премиер Јанша, поради своето искуство во борбата против комунизмот, има, за разлика од некои западни лидери, поглед на „историскиот хоризонт“, па затоа е близок во гледиштата со лидерите од земјите од Централна и Источна Европа.

Затоа Јанша, кога проценува што се важни, а кои се маргинални прашања во ЕУ, се разликува од Европскиот парламент, кој, според Орбан, не се концентрира на вистински и „реални“ теми и со тоа губи енергија на политички спорови што се „спротивни на европската иднина“.

Европскиот парламент се занимава со ирелевантни теми и води „џихад против владеењето на правото“, рече Орбан.

Ставовите на земјите од Вишеградската група за закрепнување на Европа по пандемијата на Ковид-19, за миграцијата, климатските цели и проширувањето кон Западен Балкан во голема мера „се совпаѓаат“ со приоритетите на Словенија за нејзиното претседателство со ЕУ, рече Јанша по средбата со премиерите на В4.

Тој ова го изјави на заедничката прес-конференција со премиерите на земјите од В4 – Унгарија, Чешка, Словачка и Полска – Орбан, Андреј Бабиш, Едуард Хегер и Матеуш Моравјецки.

По состанокот, лидерите на Вишеградската група соопштија дека Европската унија треба да биде загрижена за состојбата со миграцијата кон Европа, која, според нив, може да се очекува од Авганистан, откако целосно ќе си заминат американските трупи, но и од субсахарска Африка каде безбедносната ситуација исто така е тешка.

Јанша и лидерите на Вишеградската група се изјаснија за проширување на Европската унија кон југоисток и за проширување на Шенген зоната.

Јанша рече дека Словенија е за конкретни чекори во процесот на проширување на Европската унија кон земјите од Западен Балкан, бидејќи со ваков стратешки потег ќе одговори на „бројните предизвици“ во непосредното соседство на Европа.

Премиерите на Полска и Чешка изјавија дека не им е јасно зошто Хрватска, Бугарија и Романија, кои „ги исполнуваат сите услови“, не се примени во Шенген.

Европскиот парламент вчера потврди дека Хрватска ги исполнила сите услови за влез во Шенген.

Словачкиот премиер Хегер особено ја истакна важноста на вакцинацијата во борбата против четвртиот бран на пандемијата на Ковид-19.

Полскиот премиер изрази противење на централизацијата на ЕУ и се залагаше за концептот на Европа составена од суверени и силни независни држави кои меѓусебе соработуваат што подобро.

Би можело да ве интересира

Орбан: Западните земји треба многу сериозно да ја сфатат изјавата на Путин за примената на „орешкин“

Орбан: Ќе го поканам Нетанјаху да ја посети Унгарија

Орбан: Опасноста од ескалација и ширење на војна никогаш не била поголема

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Се урна мал авион во Словенија, најмалку тројца загинати

Горан Наумовски