Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата со коронавирусот, апелира д-р Горан Кунгуловски, биоинженер во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“, откако денеска и официјално беше потврдено дека во земјава има шест случаи на индискиот сој на коронавирусот, а за четворица пациенти се очекуваат резултатите.
Од Министерството за здравство изјавија дека ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот не е вакциниран против Ковид 19. По направените анкети со пациентите било утврдено дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани.
„Голем број на студии досега укажуваат дека овој сој на SARS-CoV-2 се пренесува побрзо од алфа сојот (барем 50%), а претходно алфа сојот се пренесуваше барем 50% побрзо од D614G сојот кој пак се пренесуваше за 20-30% побрзо од изворниот Wuhan-ски сој. Има големи шанси делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и во Македонија во наредниве неколку месеци. А тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните“, апелира Кунгуловски преку статус на Фејсбук.
Тој презентира повеќе податоци со цел да се направат полесни следните неколку месеци:
1. Вакцините сѐ уште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но тие се доволни за да се неутрализира и сузбива пандемијата. Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата.
2. Вирусот еволуира со тоа што се дели во својот домаќин. За да престане да еволуира и да прераснува во нови форми (за коишто можеби тековните вакцини нема да може да помогнат), треба да престане да се дели – а за да престане да се дели треба да престане да скока од еден домаќин (човек) на друг. За да престане, треба да се стесни ланецот на трансмиција. Тоа се прави со вакцинирање и следење на рестриктивни мерки (на сите ни е преку глава од истите, ама мораме).
3. Откако ќе се вакцинира голем дел на населението (се надевам), а и многу порано ќе треба да се спрема стратегија за вакцинирање со booster доза (но моментално тоа е секундарно).
„Луѓето да се вакцинираат, одговорните прво да набават доволно високо ефективни вакцини и второ да спремаат стратегија за вакцинација со booster дози“, вели Кунгуловски.