Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, синоќа во Загреб се сретна со неговиот грчки колега Каролос Папуљас.
Ова е прва средба воопшто одржана меѓу македонски и грчки претседател. Средбата се одржа за време прославата на влезот на Хрватска во Европската Унија.
– На моја иницијатива прв пат се сретнавме со грчкиот претседател и разговаравме отворено како луѓе за нашите две општества, за нашите граѓани, и како можеме ние како претседатели да придонесеме да има една поголема соработка меѓу двете општества, бидејќи треба да ги следиме добрите односи, добрите трендови кои почнаа да се случуваат меѓу граѓаните на нашите две земји, изјави претседателот Иванов по средбата во Загреб.
Папуљас, според македонскиот претседател, ветил нова средба.
– Остана да го продолжиме разговорот. Вети дека ќе имаме и друга можност повторно да разговараме. Така што, ова го чуствувам како еден пробив, бидејќи од нашата независност до сега немало средба меѓу грчки и македонски претседател, изјави претседателот Иванов.
Шефот на државата, кој синоќа на загрепскиот плоштад „Бан Јелачиќ“ присуствуваше на централната прослава по повод влезот на Хрватска во Европската Унија, упати честитки до граѓаните на земјата и посака се најубаво во нејзиниот натамошен развој.
– Со членувањето на секоја земја од нашиот регион во Европската Унија добива целиот регион, затоа што добиваме поддржувач. Еве сега, Словенија и Хрватска заедно го започнаа процесот познат како „Брдо процес“, да нашиот цел регион, сите оние што денеска бевме на појадокот, да се сретнеме повторно во присуство на францускиот претседател Оланд. Тоа кажува дека има желба да се соработува и да се помага. Меѓутоа, симболично, за нас ова има големо значење, бидејќи прв пат, со влегувањето на Хрватска во Европската Унија, Македонците влегуваат во Европската Унија. Знаете, во хрватскиот устав Македонците се признати и тоа на нас ни причинува особено задоволство и некоја лична сатисфакција, затоа што ќе немаат некои евро-бирократи алиби да не го користат зборот Македонци и Македонија, изјави претседателот Иванов во Загреб.