Турција има план да испрати ровер на Месечината, и тоа со помош на ракетен мотор од домашно производство, кој првпат ќе биде лансиран во контролна мисија во 2023 година.
Според Сердар Хусеин Јилдирим, претседателот на Турската вселенска агенција (ТУА), роверот потоа ќе биде лансиран во 2028 или во 2029 година и ќе собира податоци од површината на Месечината за научни цели.
Ракетата со која е планирано да се лансира возилото ќе биде од турско производство, а ќе користи хибриден мотор кој во моментов се развива во земјата.
„Имаме намера да употребиме сопствен мотор за да стигнеме до Месечината, но најпрво ќе го доведеме вселенското летало во ниската земјина орбита со меѓународна помош“, изјави Јилдирим.
Турската национална вселенска програма, објавена во февруари годинава, предвидува и воспоставување на турска вселенска станица и развој на домашен регионален сателитски систем за позиционирање.