Полицијата има сознанија за лицата кои ги повредија двете деца со скутер во езерото кај Струга, дознава А1. Неофицијално станува збор за лица од едно струшко село. Констатирана била и сопственоста на скутерите, но се работи на допрецезирање на деталите и собирање на неопходните информации, по што според наши извори најверојатно ќе следува одземање на скутерите , а ќе бидат поднесени и соодветни пријави врз двете лица кои веднаш после инцидентите избегале и не им помогнале на повредените.
Од СВР Охрид за А1 изјавија дека по последните инциденти на струшкото крајбрежје, полицијата , заедно со езерската полиција и инспектори од Капетанијата од вчера попладне вршат 24 часовна контрола на езерото во делот на Струга со помош на пловни објекти. При тоа три лица се затекнати како управуваат скутери на несоодветен дел од крајбрежјето и надвор од безбедносната зона.
„Мислам дека работите одат кон подобри и оти ќе се зголеми степенот на безбедност на плажите. Контролата на тоа подрачје ќе трае се додека е потребно и доколку се констатира дека има почитување на одредбите за безбедно движење тогаш ние ќе се повлечеме како служба, што не значи дека нема да бидеме присутни со мониторинг таму“ рече Стефан Димовски портпарол на СВР Охрид.
При контролата на трите затекнати скутери утврдено било дека само еден скутер направил прекршок бидејки не поседувал дозвола за управување. Од полиција велат дека во моментот на струшкото крајбрежје нема движење на скутери во безбедносната зона од капалиштата и оти тоа било резултат на последните контроли.