Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во Анталија оствари средба со Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во рамки на неговата работна посета на Турција, а по повод учеството на Самитот на Претседатели на држави и влади на членките на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа и учеството на Анталија дипломатскиот форум.
Претседателите Пендаровски и Ердоган на средбата изразија задоволство од долгогодишното партнерство меѓу двете држави и од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес.
Претседателот Пендаровски посочи дека и во услови на пандемија одржувањето редовен политички дијалог покажува дека односите меѓу двете земји се пријателски и цврсти. Тој искажа благодарност за укажаната целокупна турска медицинска помош која пристигнуваше во нашата земја уште од првите мигови по прогласувањето на пандемијата. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари и за 30.000 вакцини, коишто беа испорачани неодамна.
На средбата, претседателот Пендаровски нагласи дека македонскиот интерес за развој на односите и соработката со Турција е константен, а кон тоа придонесува и блискоста на двата народа.
Во овој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека Турција за Северна Македонија претставува еден од најважните економски партнери и дека сме подготвени за целосно подигнување на нивото на соработка, како во трговските врски, така и во делот на турските инвестиции во нашата земја.
Истовремено, претседателот Пендаровски изрази очекување дека во наредниот период двете држави ќе се фокусираат што е можно повеќе на економската соработка, како битен сегмент не само за подобрување на севкупните односи, туку и полесно надминување на економските последици предизвикани од Ковид-19.
На средбата беше констатирано дека, како сојузници во НАТО, кои имаат и обврска да ги промовираат вредностите на Алијансата, Северна Македонија и Турција делат заеднички погледи во однос на потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот, преку градење на добрососедски односи и унапредување на регионалната соработка. Притоа, претседателот Пендаровски посочи дека имаме и заеднички погледи во однос на потребата да се избегнуваат конфликтите и предност да се дава на дијалогот како средство за решавање на отворените прашања.
Соговорниците разговараа и за предизвиците поврзани со миграцијата од Блискиот Исток и Северна Африка, при што претседателот Пендаровски ја истакна важната улога на Турција, подвлекувајќи дека со својот придонес во справувањето со ова прашање, Турција е значаен фактор кој ја чува стабилноста на сите земји на Балканската миграциска рута.