Премиерот Зоран Заев смета дека денешната средба со неговиот бугарски колега Стефан Јанев и заедничките напори за воспосвување на атмофвера на доверба ќе биде дополнително охрабрување заедничката комисија да работи уште поефикасно и да се постигне договор за уште историски личности или периоди. Во еден убав амбиент политички, рече, дури и големите прашања лесно се решаваат.
-Имаме постигнато договор за пет историски личности и за три историски периоди. Впрочем, заедно ги славиме. Нашите двајца претседатели беа во Ватикан и се поклонија пред Свети Кирил и Методиј и заедно го славиме тоа, како што е и Свети Климент и Наум, како што е и Цар Самоил. Таквите успеси треба да не мотивираат да одиме и понатаму затоа што низ овие експертски комисии тие работат на основа на факти и работат на основа на сознанија, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата со Јанев во Софија.
Потоа, вели премиерот, треба да следува имлементација и во учебниците затоа што, како што истакна, така ќе ги учиме младите генерации што е историската вистина за која што сме се усогласиле.
-Од самиот договор постои можност да се изнајдат такви решенија, јас би кажал дури и да ги нема треба да ги измислиме како нѐ поврзуваат, како нѐ прават попријатели, како го зближуваат нашиот народ и ги учат младите генерации на соработка. И на крајот на денот навистина јас сум убеден дека за се постои решение. Како што кажа и премиерот Јанев политичарите мораме да ги носиме политичките одлуки, историчарите се тие што треба да работат експертски и историски, но ние политичарите треба да ги носиме политичките одлуки и во еден убав амбиент политички навистина дури и големите прашања лесно се решаваат. Но, кога е лош политичкиот амбиент дури и најситното прашање претставува голем проблем. Затоа верувам дека ќе имаме уште поголеми резултати од историско-образовната комисија од бугарска и македонска страна, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека историјата е многу важна. но оти уште поважна е и сегашноста и иднината.
– Историјата е важна заради тоа што е основа за подобра сегашност и најдобра иднина. Еден паметен човек рекол за да ги отвориме прозорците на иднината мораме да ги подзатвориме малку вратите на минатото. Не да ги затвориме, да ги подзатвориме оти во спротивно ќе се јави провев која што ќе ја издува сегашноста, а и посебно иднината. Ние им должиме иднина на младите и на децата и треба да работиме на таа иднина, нагласи премиерот.
Тој одговараше и на новинарско прашање дали постои можност земјава да го отвори уставот и во преамбулата да биде ставен и бугарскиот народ.
-РС Македонија прeд членството мора да го отвори Уставот и наш став е сите помалку бројни народи во нашата држава да бидат впишани, вклучително и бугарскиот, хрватскиот народ не е впишан – имаме хрватска заедница и други заедници кои што ги немаме. Нашиот Устав е создаден 1991 година и тогаш е создаден покрај македонскиот, албанскиот народ, впишани се и Бошњаците и Србите, и Турците, и Власите и Ромите и вика и другите народи, така што ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ треба да имаме европски устав во којшто по примерот на една Хрватска на пример ќе ги впишеме и другите народи, истакна премиерот на прес-сконференцијата во Софија.
Во врска со средбата со лидерите на некои политички партии во Бугарија премиерот Заев истакна дека сакал да го чуе и нивното размислување, да им ги пренесат наште ставови и намери, иако, како што рече институциите се тие кои носат решенија.
-Денеска се сретнавме со лидерите на две политички партии, а побаравме средба со четирите најголеми политички партии согласно резултатите од последните избори. Двете други политички партии културно ни одговорија – кој е во Русе во кампања, кој е во друг град, секако следна прилика ќе се видиме двајцата други лидери. Претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов и претседателката на БСП Корнелија Ненова најдоа време и разговаравме навистина, наше е да ги информираме, да им кажеме за намерите и слично, рече Заев.
Тој додаде дека Владата и Претседателот во Бугарија се институциите кои можат да учествуваат во донесување решенија.
-Тие се институциите што носат одлука, но, куртоазијата и со политичките лидери е прво дипломатска куртоазија која што сакаме со пријателска Бугарија да ја направиме и ја направивме и јас верувам дека одлуките се можни. Јас верувам дека не се нерешливи проблемите и јас верувам дека интерес и на Република Бугарија и на целиот бугарски народ е целиот регион на Западен Балкан, а посебно Република Сецерна Македонија да го продолжи својот пат кон интеграциите во ЕУ, рече премиерот Заев во одговор на новинарско прашање.