Коалицијата за борба против гладта денеска ги презентираше фактите и аргументите за гладта и сиромаштијата во Македонија.
Резултатите од спроведената анкета кај 450 граѓани од Скопје, Тетово и Струмица покажуваат незанемарливи податоци според кои половина и повеќе од испитаниците сметаат дека локалните власти многу малку или воопшто не превземаат мерки за намалување на сиромаштијата.
Истражувањето било спроведено со цел да се испита пулсот на граѓаните поврзан со нивната социо‐економска положба, како и да се дознае дали нивните месечни примања им овозможуваат да се прехранат, како и какви се нивните можности да донираат и колку се информирани за хуманитарните акции кои се преземаатза борба против намалувањето на сиромаштијата и гладта во нивното опкружување.
Најголем дел од испитаниците одговориле дека нивните месечни примања се меѓу 15 000 и 30 000 денари, а дури 63% најголем дел од примањата ги трошат на плаќање сметки. На третина од испитаниците месечните приходи не им стигнуваат за задоволување на секојдневните потреби за храна, додека заради намалената свест и информираност за хуманитарни акции дури 77% од испитаниците во изминатите шест месеци не учествувале во акција за донирање храна.
Сепак најголем дел од македонските граѓани предложуваат дека би можеле да донираат храна или пари, додека кај оние кои се изјасниле дека не би донирале најчестата причина е недостатокот од финансиски средства за личен опстанок.
Од Коалицијата за борба против гладта порачуваат дека е потребно заедничко организирање на акции за собирање на храна, креирање стратегии за решавање на проблемот со сиромаштијата и недостапноста на храната за одредени категории на граѓани, како и зголемување на инвестициите за модернизација на механизацијата која се користи за производство на храна со цел, запазување на стандардот за висок квалитет на производите, како и за намалување на загубите на храна уште во процесот на производство и преработка на храната.
Во рамките на денешната презентација, се доделија пакети со прехрамбени производи обезбедени од организацијата „Младите можат- Македонија“, за 12‐те семејства од СОС Детско Село – Скопје како и за Дневниот Центар на ПОРАКА од Неготино во Волково за помош на нивните штитеници – корисници на Центарот.
Темјана Поповска