Претседателот Џо Бајден планира да го притисне Владимир Путин да се зауздаат кибер нападите организирани од руска, се очекува да побара повлекување на руските воени формации од Украина и сигурно ќе му каже да запре со мешањето во изборите на САД.
Средбата Бајден-Путин доаѓа по тврдењата на САД за постојани злонамерни активности на Русија против Америка, меѓу кои се низата кибер напади со штетен софтвер врз државни и приватни ентитети во САД. Тука е и затворот за опозицискиот лидер Алексеј Навални и принудното слетување на авионот на „Рајанер“ во Минск, за да се уапси белоруски опозициски новинар. Поради сето ова, дел од јавноста во САД се прашува дали има потреба од средба со Путин и зошто самитот не е откажан.
Рускиот претседател, според дел од конзервативните аналитичари, само може да ќари од фотографирањето со Бајден.
-Претседателот се среќава со претседателот Путин не наспроти, туку токму заради овие работи. За да може да разговара со него директно, и јасно, за овие продлабочени разлики. И да се види дали може да имаме попредвидиливи и стабилни односи, изјави државниот секретар Ентони Блинкен во интерву синоќа за телевизијата Еј-Би-Си.
Според него, „ако Русија одбере да продолжи со своето агресивно и неодговорно однесување, ние ќе одговориме со многу сила, како што претседателот веќе направи, кога одговори на мешањето во изборите, на нападот на Навални, на кибер нападите на СоларВиндс“.
Според Мајкл Мекаул, републикански конгресмен од Тексас, „претседателот треба да му демонстрира, да му каже на Путин дека ако продолжи да го прави тоа, ќе има последици на неговите акции“.
-Тие го подготвуваат ова одамна. Тоа е неверојатно. Мислам дека е време да започнеме да мислиме за одговор. Кога се дава атрибуција, тие треба да знаат дека ќе има последици на нивните акции и дека ќе возвратиме со удар. Сѐ додека не го направиме тоа, тие ќе продолжат со своето лошо однесување, изјави конгресменот за Еј-Би-Си.
Мајк Помпео, поранешен државен секретар, во коментар за Фокс њуз укажа дека САД треба да направат исчекор и да одговорат на заканите од Владимир Путин.
-Дали тоа се кибер или кинетички или какви и да било други информациски напори кои Путин се обидува да ги наметне на Америка, ако претседателот Бајден е слаб, изјави Помпео.
На средбата со Путин, „претседателот Бајден доаѓа од НАТО самит, и после тој самит НАТО се очекува да се произнесе за тоа како би изгледал Членот 5 во дигиталниот свет. Бајден треба да ја истаке таа позиција пред него“, истакна Вил Херд, републикански конгресмен од Тексас.
-Имаме поранешен претседател кој поради разни причини – лични, политички, финасиски, Русите врз него имаа влијание, кој само се повинуваше на Путин, му правеше услуги, на начин мошне понижувачки за САД. И кога Путин слуша за нарушените права на своите луѓе, тој се смее. Тој е разбојник. Но тој е шеф на важна држава и поради наведените проблеми, претседателот треба да се сретне со него. И мислам дека тој ќе сретне многу поинаков претседател отколку оној кој беше во негова милост, демократката Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом, изјави синоќа за Си-Ен-Ен.
Вашингтон пост јавува дека некои руски официјални лица ја подготвуваат сцената за исмејување на умствените способности на претседателот Бајден.
Тој самиот повеќепати досега укажа дека ќе се преземат одлучни акции ако Русија продолжи со „штетните активности“, но призна дека и неговата моќ не е безгранична, пишува весникот.
-Нема гаранции дека може да се смени поведението на некоја личност или поведението на неговата држава. Автократите имаат огромна моќ и тие не прават отчет на својата јавност дома. И факт е дека најверојатно така и ќе биде, ако одговорам на начин кој нема да го разубеди и тој да продолжи со тоа што го прави, изјави Бајден во неделата.