Македонија е земја со речиси 300 сончеви денови во годината, природата е тука прекрасна, но сепак она што најмногу им се допаѓа на сите оние што веќе биле тука се луѓето. Нивното гостопримство е особено изразено кон холандските туристи, кои Македонците ги сметаат за пријатели.
Се надевам дека за овие три дена ќе ги почувствувате тие емоции. Македонија е мошне лесно да се засака, а тешко да се напушти, им порача амбасадорката на Кралството Холандија Мариет Шурман на стотината претставници на туристички организации и тур-оператори од Холандија кои денеска пристигнаа во Охрид.
Шурман на туристичките работници од Холандија, предводени од главниот извршен директор на тур-операторот „ТУИ“ Стефан Ван дер Хајден им порача да уживаат во престојот во Македонија, но и да ги искористат контактите што ќе ги реализираат тука за да инвестираат и да ги пронајдат шансите за соработка со локалната бизнис-заедница, притоа оставајќи ја отворена понудата за се што ги интересира слободно да се обратат до Холандската амбасада.
Ван дер Хејден во кусото обраќање рече дека првите впечатоци од топлото добредојде се повеќе од ветувачки.
– Повеќето од нас првпат се тука, можеби има неколкумина од оние кои биле тука во 70 и 80-те години на минатиот век, но со оглед на тоа како е оваа посета осмислена и испланирана од нашите соработници во Македонија, секако и поддржана од локалната самоуправа, ценам дека посетата ветува. Не верувам дека било кој од нас бил пречекан на аеродромска писта со пенливо вино. Доколку тоа е Македонија слободно ќе кажам дека веќе ми се допаѓа, рече Ван дер Хејден.
Жак Крајненс, продукт-менаџер на тур-операторот „ТУИ“ задолжен за промоција на Македонија како туристичка дестинација, истакна дека продажбата на аранжманите во Холандија за летување тука бележи нагорен тренд, и тоа за некаде 40 проценти.
– Продажбата оди мошне добро оваа година. Веќе закупивме нови сместувачки капацитети во Охрид за 2013, но она мошне е интересно што постои голем интерес кај холандските туристи за кружните тури низ Македонија. Тие се подготвени да одвојат време од својот одмор за да посетат што повеќе од културно-историските знаменитости на Македонија. За импресиите на оние гости кои веќе биле во Македонија, тој рече дека речиси сите се со позитивни впечатоци, дури и да не може да се најде некој што има какви било забелешки.
На нашите туристи кои доаѓаат тука, како што додаде, не им се од примарна важност сместувачките капацитети.
– Нив им е важен софтверот, не хардверот. Хотели, базени, бетонски зданија има и во Шпанија, Турција, Грција, нашите гости сакаат да се дружат со локалното население домаќините, тука можат да се сретнат некои работи што ги нема во другите земји, истакна Крајненс.
Според податоците на двата најголеми тур-оператори што ја нудат Македонија како туристичка дестинација, оваа година се очекува во државите на Бенелукс да бидат продадени над 25 илјади аранжмани, како и да се зголеми бројот чартер летови со холандски туристи за Македонија. Моментално во Охрид седмично слетуваат четири авиони на „ТУИ“ и три на „Корендон“, со најави дека нивниот број ќе се зголемува зависно интересот, некаде до девет лета седмично во самиот шпиц на сезоната 2013.
Веќе три сезони туристите од Холандија и земјите на Бенелукс се најбројните странски туристи што организирано летуваат во Охрид и Македонија. Првата група холандски гости оваа сезона во Охрид и Струга допатуваа на 26 април, а последната тура туристи ќе си замине за Холандија на 13 октомври.