Македонија и Турција потпишаа Меморандум во областа на земјоделството

Од:

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и министерот за храна, земјоделство и сточарство на Турција Мехди Екер денеска во Анкара потпишаа Меморандум за разбирање во областа на земјоделството.

Како што информира МЗШВ, пред потпишувањето на Меморандумот двајцата министри одржале состанок. Екер истакнал дека Балканот и балканските држави за Турција претставуваат порта кон Европа и оти потребно е да се зајакне соработката. Напоменал дека по осамостојувањето Турција секогаш ги поддржувала интересите на Македонија, во сите области на развојот.

– Со потпишувањето на овој Меморандум за разбирање ќе се поттикнат сите области, односно потсектори во земјоделството, а со тоа ќе имаме и подобри резултати. Со овој договор ќе се формира Комитет за управување во земјоделството, кој во иднина редовно ќе се состанува за разгледување на моменталната состојба, како и носење на одлуки кои ќе се спроведуваат, изјавил Екер.

Во врска со поддршката кон Република Македонија, Екер истакнал дека ќе продолжи и во иднина, а особено техничката поддршка.

Турскиот министер напоменал дека двете држави во сите области ја имаат зајакнато соработка, а доказ за тоа е што лани меѓусебната трговска размена изнесува околу 378 милиони долари, додека соработката во земјоделството 27 милиони долари.

Министерот Димовски му се заблагодарил на својот турски колега за досегашната поддршка и напоменал дека двете земји имаат заедничко минато, кое ги поврзува. Истакнал дека Република Турција е земја пример, која многу бргу се развива, посебно во областа на земјоделството и оти од неа може многу да се научи.

Согласно Меморандумот, соработката меѓу двете земји ќе се реализира во областа на растителното производство, производството и обработката на суров тутун во лист, сточарството, рибарството и аквакултурата, органското земјоделско производство, прехранбената индустрија, истражувањето, руралниот развој, шумарството, како и други области. Оваа соработка ќе се реализира преку размена на искуства, информации, експертска помош, студиски престој и стручни обуки, семинари, симпозиуми, саеми и конференции, но и во други форми на техничка соработка.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници