Јавниот повик за доделување ваучери за туризам за граѓаните со ниски приходи ќе се реализира како што е објавен и нема да има никакви измени, а ако е потребно во наредниот период ќе објавиме нов повик како што сме правеле и во минатото, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Заложбата на оваа Влада е транспарентност, отвореност и почитување на сите процедури. Ние не можеме без процедури да делиме ваучери зашто тоа се средства на сите граѓани во државата и на транспарентен начин треба да бидат користени како средства од Буџетот, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Вчера, посочи, објавивме дека веќе сме дале 5,5 милиони евра за угостителските објекти, а во тек се и мерките кои се спроведуваат од Шестиот пакет во кои се вклучени и хотелите и туристичките агенции.
-Секторот туризам е еден од најподдржаните сектори. Ќе почекаме да заврши сезоната и ако има потреба дополнително ќе ги помогнеме граѓаните со ниски приходи, а индиректно и хотелските капацитети во нашата држава, прецизира Бектеши.