Од 28 јуни, два региона во Белгија отвораат анонимни телефонски линии за лица со девијантни сексуални фантазии поврзани за деца и малолетници, со цел да се спречи нивното преминување на дела.
Телефонските линии ќе функционираат во Брисел и во Валонија, на југот на земјата, објави денеска весникот „Ле Соар“. Слична линија е отворена во Фландрија, на северот на земјата, пред четири години.
Според експертите инволвирани во проектот, оваа иницијатива треба да помогне да им се пружа рамка и помош на луѓето кои имаат девијантни педосексуални тенденции. Тие ќе бидат сослушани од страна на професионални психолози и терапевти специјализирани во оваа област.
Експертите сметаат исто така дека е „полесно“ за педофилите тоа да го сторат преку телефон на анонимен начин отколку лично, очи в очи, со терапевт.
Линијата ќе биде достапна три дена во неделата, таа ќе биде достапна и за блиските, роднините и пријателите на девијантните лица, како на пример сопруга која наишла на педофилска содржина кај својот сопруг. Сите информации ќе останат тајни.
Според искуството во Фландрија, каде оваа линија постои од 2017 година, 220 лица кои се јавиле биле пренасочени кон долготрајна терапија и експертите се уверени дека резултатите се опипливи во спречувањето на педофилски дела.