Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, поднесе кривична пријава против З.Н.(38) од Скопје, инспектор за илегална миграција и прекуграничен криминал при регионален центар за граничен реон „Север“ поради постоење на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ чл.353 и “примање поткуп“ чл.357 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Пријавениот, соопшти МВР, во својство на инспектор за илегална миграција и прекуграничен криминал при РЦ „Север“ злоупотребувајќи ја својата положба и овластувања од две лица (таксисти) од Скопје побарал и примил поткуп во износ од 300 евра, за да во рамки на своето службено овластување не преземе дејствие што би морал да ги преземе, односно им овозможил непречено извршување на такси-превоз на домашни и странски државјани, како и за да им помогне на оштетените во врска со кривичната постапка која се водела против нив во Основниот суд Скопје I – Скопје, под сомнение за сторено кривично дело –„криумчарење мигранти“, со што се стекнал со противправна имотна корист во износ од околу 18.500 денари.
Имено, на 06.09.2011 година двете лица од Скопје биле приведени под сомнение дека превезувале мигранти. Пријавениот, искористувајќи ја ситуацијата се понудил на истите да им помогне да добијат поблага казна или условна осуда, а како противуслуга побарал истите да соработуваат со него, односно да му даваат информации, кога и каде пристигнуваат странски државјани, особено мигранти од Пакистан и Авганистан, како и периодично да му даваат парична награда – поткуп, а тој за возврат да не презема мерки во негова надлежност и да им овозможи непречено да вршат превоз на патници.
Истите, предлогот го прифатиле и во повеќе наврати му давале информации за голем број на странски државјани (мигранти) кои најчесто пристигале на меѓуградската автобуска станица во Скопје со автобуси на транспортна фирма од Богданци, патувајќи од Гевгелија до Скопје, а потоа повторно со автобуси или пак со такси превоз продолжувале кон Куманово или директно кон македонско-српската граница.
Активностите траеле се до јуни 2012 година кога двете лица од Скопје, случајот го пријавиле во МВР со поднесување на Записник за примање на кривична пријава, по што од страна на полицските службеници преземени се соодветни мерки и активности со цел расчистување на случајот.
Вчера врз основа на претходно обезбедени наредби од Истражен судија за приведување и претрес, З.Н. е лишен од слобода, при што е извршен претрес на домот и другите простории кај истиот. Од страна на надлежен Истражен судија на З.Н. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.