Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ оцени оти неговата добра физичка подготвеност и искуството биле решавачки вечерва да ја надомести негативата од 0:2 во сетови против 19-годишниот Италијанец Лоренцо Музети и да избори пласман во четвртфиналето на Ролан Гарос.
Музети, кој го играше своето прво осминафинале на грен-слем турнирите во кариерата, ги реши во своја корист воведните два сета со по 7:6. Српскиот тенисер со два експресни сета (6:0, 6:1) го израмни резултатот на 2:2 и поведе со 4:0 во решавачкиот сет, кога Италијанецот го предаде натпреварот.
– Повеќе бев нервозен пред почетокот на натпреварот, отколку кога бев во негатива од 0:2. Искрено дури и ми се допаѓаше тоа што ги загубив воведните два сета. Победив на најголем број од натпреварите во пет сетови што ги имам играно на овој турнир и воопшто во кариерата, и мислам дека тоа искуство ми помага, изјави Ѓоковиќ.
Најдобриот светски тенисер во четвртфиналето на грен-слем турнирот во Париз за противник ќе има уште еден Италијанец, Матеа Беретини.