Силен дожд и град зафатија попладневно делови од Скопје. Врнежите беа краткотрајни и не направија поголеми проблеми. Врнежи од дожд и нестабилно време денеска ја зафатија речиси цела држава.
Во изминатите девет часа до 17 часот попладне во Штип наврнале осум литри дожд на метар квадратен, пет во Скопје-Зајчев Рид, два во Крива Паланка, еден во Прилеп, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Попладне имаше развој на нестабилна облачност во подрачјето околу Крушево, Македонски Брод и Прилеп, како и во севеористочните делови од земјава, помеѓу Куманово, Крива Паланка и Кратово, претежно во планинските подрачја, проследени со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Подоцна попладнево нестабилно беше и во подрачјето на Штип, Делчево и во делови од Скопската Котлина.
УХМР најавува дека до крајот на денов во северните и источните делови од земјава ќе има локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на ноќта ќе биде променливо облачно на места со врнежи од дожд и ретки грмежи.
Утре ќе биде променливо облачно, уште од претпладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе има услови за локална појава на невреме со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен. УВ индексот ќе изнесува 7
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 25 степени.