Акција на ДИЖС за откривање загадувачи на канали за наводнување во Кочани

Од:

Државниот инспекторат за животна средина, по пријавување за загадување на водите во Кочанско, спроведе надзор на посочените локации на западниот и источниот дел на градот, при што, како што информираат од инспекторатот, во западната индустриска зона, немало основ за постапување бидејќи станува збор за излевање по обилните дождови, додека во источната индустриска зона пет инсталации работеле без никакви еколошки стандарди и тие се задолжени во рок од 90 дена да изработат и добијат одобрување на Елаборат за заштита на животната средина.

Од ДИЖС, информираат дека во западната зона, немало основ за постапување на инспектор бидејќи белата течност што била забележана покрај патот потекнува од излевање на шахта на колекторот поради обилните дождови.

– Дезинформација е дека индустријата во овој дел на градот врши загадување на каналите за наводнување, бидејќи инсталациите, вклучувајќи ги преработката на млеко и текстил кои може да ги обојуваат отпадните води, се приклучени на колекторот и понатаму се пречистуваат во пречистителната станица. Преполнувањето и излевањето на шахтата може да се избегне со изведување на сепаратна атмосферска мрежа, што општината планира да го реализира, се вели во соопштението од ДИЖС.

Надзорот во источната индустриска зона, како што информираат од ДИЖС, опфатил девет правни лица, од кои само една инсталација (за производство на метални конструкции) е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, а останатите осум (стоваришта, конфекција, вулканизер, производство на запчаници и прехранбена индустрија) се во надлежност на овластен инспектор за животна средина.

– Пет инсталации се задолжени од овластениот инспектор во законскиот рок од 90 дена да изработат и добијат одобрување на Елаборат за заштита на животната средина, бидејќи истите досега работеле без никакви еколошки стандарди. Во спротивно, ќе бидат соодветно санкционирани. Од оваа зона во отворен канал без пречистување се испуштаат отпадните води од Пејпар Мил (надлежност на државен инспектор), едно стовариште со сопствено автомеханичарско одржување на возен парк и конфекција (и двете во надлежност на локален инспектор). Останатите субјекти немаат отпадни води. Отворениот канал преминува во канал за наводнување во состав на Водостопанство Брегалница – подрачна единица Кочани. На делницата до м.в. Слатина водите од каналот се видно загадени, а потоа се разблажени со мешање на вода од Оризарска Река, се вели во соопштението од ДИЖС.

Од ДИЖС, исто така, информираат дека неодамна Инспекторатот земал мостри од отпадната вода на Пејпар Мил што ги испитувала акредитирана лабораторија.

– Не беа утврдени отстапувања во однос на граничните вредности од А интегрираната еколошка дозвола за биолошка потрошувачка на кислород, хемиска потрошувачна на кислород, амонијак и вкупен фосфор. Заради тоа не се исполнети условите за затворање на инсталацијата, се вели во соопштението од ДИЖС.

Во рамките на претходен надзор, посочуваат од ДИЖС, инсталацијата е задолжена да ги исчисти лагуните за поефикасно таложење на целулозните влакна од технолошките отпадни води, како преодно решение до пуштањето на пречистителната станица во функција.

Би можело да ве интересира

Државниот инспекторат за животна средина направил вонреден надзор на изградбата на мини хидроцентралата Мала Река кај Кочaни

Ана Ололовска

Стојковски: Речиси секаде се направени контроли за загадување, нема отстапки во однос на зададените параметри

Ана Ололовска

ДИЖС: Во „Дрисла“ се горел опасен отпад иако нема соодветна инсталација

Ана Ололовска

Стојковски: ДИЖС учествувал во издавањето дозвола за одложување опасен отпад на „Дрисла“

Ана Ололовска

Петровска: Зголемен обемот на надзори, поведени 43 прекршочни постапки, изречени се 36 санкции

Катерина Ѓуровски

Изречена казна од 20.000 евра за испуштање мазут во Вардар кај Градско

Ана Ололовска