Одлуката на САД да санкционира тројца бугарски државјани инволвирани во продажба на пасоши поради корупција нема да има последици врз Европската Унија, но борбата против корупцијата останува во фокусот на ЕУ кога станува збор за Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.
На денешниот редовен брифинг за новинари во Брисел, портпаролите за правда, внатрешни работи и надворешна политика ги изложија ставовите на нивните сектори по американската одлука да се санкционираат тројца бугарски државјани поради корупција и организиран криминал.
Во однос на самите санкции, портпаролот за надворешна политика на ЕУ, Петер Стано, нагласи дека ова нема последици врз ЕУ и нејзиниот став.
-Санкциите на САД не се применуваат на територијата на ЕУ и ништо не оправдува контрамерки, мерките на САД што се преземени се однесуваат на инволвираните лица во врска со нивната активност со САД, рече Стано.
Комисијата додаде дека ЕУ има „свој законски поредок“.
Сепак состојбата со корупцијата останува предмет на мониторинг во Брисел, што се рефлектира во редовниот извештај на Европската Комисија за состојбата со владеењето на правото.
Во овој дел, портпаролот за правда, Кристијан Виганд потврди дека Брисел одблиску ја набљудува ситуацијата во Бугарија.
-Бугарија треба да ја финализира имплементацијата на точките од извештајот од 2019, има уште незавршени работи, извештајот бара постојана соработка со Советот на Европа за справување со недостатоци во антикорупцијата, ефективни кривични истраги и докажани пресуди за висока корупција, Комисијата ќе продолжи да го набљудува ова од блиску за следниот извештај за владеењето на правото, рече Виганд.
Европската Комисија повторно нагласи и дека продажбата на пасоши на странски државјани од страна на земји членки е неприфатливо во ЕУ, но не сакаше да го коментира овој последен случај.
Последните случувања меѓутоа не влијаат врз ставот на Европската Комисија за влезот на Бугарија во Шенген зоната.
Портпаролот за правда, Адалбер Јанц, посочи дека ставот на Европската Комисија е дека Бугарија, како и Романија и Хрватска, ги исполнуваат условите за влез во Шенген, како што тоа вчера го истакна и потпретседателот на Комисијата, Маргаритис Схинас.
Но, одлуката за зачленување во Шенген зоната ја носат земјите членки, и во овој дел сѐ уште ништо не е извесно за Бугарија, ниту за другите две земји.