Европјаните бараат балканските земји да ги затворат сите термоелектрани на јаглен, ја загадувале цела Европа

Од:

Термоелектраните на јаглен на Западен Балкан се закана за здравјето и безбедноста на европското население поради зголемените емисии на штетни гасови, нагласија учесници на панел-дискусија во Хрватска, дел од одбележувањето на Европската зелена недела.

Термоелектраните во Србија, Црна Гора, Албанија, Македонија, Косово и БиХ претставуваат здравствена и економска закана за стабилноста на ЕУ, бидејќи тие се главен извор на брзо ширење на загадувањето низ цела Европа, велат претставниците на водечките европски еколошки организации и центри, јави Хина.

Влатка Матковиќ, советник за здравство и енергија во Здружението за здравје и животна средина (ХЕЛ), рече дека „загадувањето на воздухот не познава граници“.

„Загадениот воздух од Западен Балкан најпрво се шири во соседните земји, но со текот на времето тој достигнува до сите земји на Европската унија“, рече Матковиќ.

Таа го поддржа тоа со истражување од 2016 година, кое покажа дека таа година „16 термоцентрали на јаглен на Западен Балкан испуштиле иста количина на сулфур диоксид (SO2) како 250 вакви централи во ЕУ“.

Пeтер Вајда, експерт во Енергетската заедница за животна средина, истакна дека застареноста е една од главните причини за штетните ефекти на термоелектраните.

„Термоелектраните во Западен Балкан се изградени пред неколку децении и затоа тие земји не ги почитуваат стандардите за квалитет на воздухот што ги очекува Унијата“, рече Вајда.

Коментирајќи ги резултатите од анализата на Светската здравствена организација (СЗО) и Европската комисија дека загадувањето на воздухот од термоцентралите на Западен Балкан предизвикува околу 4.000 предвремени смртни случаи и околу 8.000 случаи на бронхитис кај деца секоја година, говорниците се согласија дека подобриот квалитет на воздухот во областа мора да биде приоритет на идните европски политики.

Според Клаудио Белис од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, постојат многу правни инструменти за решавање на проблемот со нискиот квалитет на воздухот што останале „само на хартија“.

Декарбонизацијата, спречувањето на загадувањето на воздухот, водата и почвата, циркуларната економија, развојот на земјоделството и заштитата на биолошката разновидност се основните области на европските зелени политики кои влегоа во сила на Западен Балкан, но се уште не се доволно ефикасни, се согласија говорниците.

Минатата година Европската комисија претстави економски и инвестициски план за земјите од Западен Балкан, кој предвидува помош за регионот до повеќе од девет милијарди евра за период 2021-2027 година.

Планот има за цел да го зајакне долгорочното закрепнување на регионот, да ја забрза зелената и дигитална транзиција и да ја охрабри соработката со Европската унија.Тој предвидува иницијативи за инвестирање во главните патни и железнички врски во регионот, обновливи извори на енергија, реновирање на јавни и приватни згради за зголемување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на штетни гасови, инфраструктура за управување со отпад и отпадни води и воведување на широкопојасна инфраструктура.

Поради зголемената потреба за намалување на емисиите и интересот за заштита на природата, Европската унија оваа недела организираше виртуелна Зелена недела, најголемиот настан од областа на зелените политики со бројни панели и консултации.

Граѓаните на тој начин имаат можност да учествуваат во дискусии и дебати за екологијата и здравјето, биодиверзитетот и екосистемите, производството и потрошувачката и упатствата за постигнување зелени промени во областа и надвор од ЕУ.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Вархеј: Првите исплати на средства од Планот за раст ги очекуваме во текот на овој месец

Премиерот Мицкоски присуствуваше на работен ручек со Фон дер Лајен и колегите од Западен Балкан

ЕУ одобри 1,2 милијарди евра за инфраструктура во Западен Балкан

Кој ќе добие над 50.000 евра мора да е јавно објавен – Одобрени шест милијарди евра за Западен Балкан

Анита Петровска Рајковиќ

Анкета на ИРИ: 43 отсто од Србите, 27 отсто од Македонците и 25 отсто од Црногорците го обвинуваат Западот за војната меѓу Русија и Украина.

Предраг Петровиќ