„Курви, ороспии, проститутки“ и слични погрдни зборови им упатувале граѓаните на сексуалните работнички на социјалните мрежи, сведочат од невладините организации, од каде, на Меѓународниот ден на сексуалните работници, тврдат дека сексуалните работнички се уште се борат со стигмата која постои за нивната работа.
Извршната директорка на ХОПС, Хајди Штерјова Симоновиќ, објаснува дека термините „проститутка“ и „проституција“ не е коректно да се употребуваат за сексуалната работа, бидејќи тие имаат негативна конотација.
Употребата на терминот „јавна куќа“ исто така се смета за некоректно, туку во негова замена може да се каже дека станува збор за „одвивање на сексуална работа во организиран објект“.
„Судејќи по коментарите којшто денеска беа споделувани на социјалните медиуми, во однос на денешниот настан, одбележувањето на Меѓународниот ден на сексуалните работници, можеме да кажеме дека ние за жал сме осудувачко општество, кое не прифаќа различности и попрво ќе го осуди другиот отколку што ќе го разбере и поддржи. Луѓето се уште не се ослободени од стигмата и табуата поврзани со сексот и сексуалната работа. Не можат да разберат дека доколку одредени полнолетни лица со своја слободна волја без никаква присила одлучиле да се занимаваат со одредена работа за надомест, вклучително и давање на сексуални услуги за пари и материјални добра, не треба да бидат осудувани за тоа, туку едноставно да бидат третирани како сите останати граѓани и дека имаат право да работат тоа што ќе го изберат се додека не наштетуваат на никој друг. Со тоа што некој ќе се занимава со сексуална работа не гледам како наштетува на останатите граѓани и на нивните животи“, вели Штерјова Симоновиќ.
Според Штериова, моделот на регулирање на сексуалната работа кој е најдобар и кон кој се стремат сите земји во светот е Нов Зеланд.
Во Македонија, сексуалната работа доколку се одвива на јавен простор не е кривично дело, туку прекршок.
Сепак, правната регулатива во земјата им ја отежнува работата на луѓето кои одлучиле да се занимаваат со оваа професија.