Стотици граѓани на Кавадарци понесени од еуфоријата предизвикана од влезот на фудбалскиот тим „Тиквеш“ во Првата лига, синоќа ги преполнија улиците и кафичите и прославуваа без да ги почитуваат заштитните мерки. На снимката која се појави на социјалните мрежи, се гледаат млади луѓе, без маски, кои гласно пеат и се прегрнуваат во еден од локалите.
На масовната прослава на плоштадот се приклучил и градоначалникот Митко Јанчев кој за „А1 он“ изјави дека собирите на плоштадот и по улиците бил спонтан но што се однесува до гужвите во локалите секако некој треба да понесе одговорност.
„Граѓаните беа обземени од радост за влезот на “Тиквеш“ во прва фудбалска лига. Самиот бев да го пречекам автобусот кој пристигна со фудбалерите и потоа заминавме на прослава на градскиот плоштад. Навистина не беше можно да се контролираат граѓаните, и младо и старо излезе на улица. Што се однесува до собири во кафулиња или ресторани и ако не се почитувале протоколите, за тоа одговорност треба да понесат сопствениците, ни рече Јанчев.
Во МВР во Кавадарци нема пријава за овој настан.
Одговор побаравме од Државниот пазарен инспекторат од каде што велат дека собираат информации и ќе постапат според нивната надлежност.
„По прибавени информации од одделението во Кавадарци како и во соработка со МВР, Државниот пазарен инспекторат постапува по однос на вчерашниот настан по однос на своите надлежности а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.“, изјави за „А1 он“ Александра Котели, портпарол на инспекторатот.