До пред неколку десетлетија, Мармарис било мало рибарско село на турскиот егејски брег… Денес, тоа е светски позната и една од најубавите туристички дестинации, каде што во целата година температурите ретко паѓаат под 20 Целзиусови степени.
Иако е малку поскап од, да речеме – Анталија, градот Мармарис е дефинитивно едно од местата во Турција што вреди да се посетат. Пред пандемијата на коронавирусот, којашто му нанесе сериозен удар на туристичкиот сектор, „градот кој не спие“ го посетуваа нешто повеќе од половина милион луѓе секое лето.
Тука се наоѓаат кафулиња и ресторани долж целиот брег – за оние кои сакаат да уживаат во ноќниот живот и турската кујна по долгиот ден на плажа. Вреди да се напомни и дека лете тука има превоз и до турските и грчките острови во близина, а најпопуларен е Родос.
Околу Мармарис има и повеќе други туристички знаменитости, како што се – Ефес, кањонот Памукале, островот Клеопатра, каде што познатата кралица на Египет, според легендата, се искапила пред повеќе од 2.000 години…
На плажата Кизкуму, како што велат околните жители, може „да одите по вода“… Тоа, секако, поради самото плитко море, што дозволува без пливање да се изодат над 600 метри кон отворено море. Ова место е познато и како „плажата Исус“.
За ова место се раскажува и една тажна легенда за создавањето… Во близина некогаш живеело кралско семејство. Принцезата се вљубила во некој рибар и често бегала од замокот заради средба со него тука. Откако нејзиниот татко (кралот) дознал за оваа врска, тој го протерал рибарот од градот. Тоа ѝ го скршило срцето на принцезата, но таа продолжила да ја посетува плажата, чекајќи нејзината голема љубов да се врати. Кога и да отидела на брегот, таа носела грст песок во раката и го фрлала во морето – за да направи патека што води кон рибарот. Откако кралот ја открил нејзината намера, ги испратил чуварите за да ја донесат дома. Сепак, бегајќи од нив – принцезата истрчала неколку стотици метри од плажата, а потоа паднала во длабокото…
Ноќевање во хотел за еден човек во Мармарис чини 130 до 190 евра. А за влез во Турција, покрај пасошот, ќе Ви треба и негативен ПЦР-тест (на англиски јазик, не постар од 72 часа), како и испечатен и пополнет образец за ХЕС-код. Чувајте ги двата документа до крајот на одморот.