Додека граѓаните чекаат пред лабораториите да проверуваат антитела за Ковид-19, а се уште остануваат голем број прашања поврзани со вакцинацијата кои остануваат непознаница, експертите на оваа тема во Македонија веќе почнаа да ги собираат првите податоци од ефикасноста на вакцините што се аплицираат кај нас.
Граѓаните ги примаат вакцините „Фајзер“, „Синофарм“, одреден број граѓани ја примија руската вакцина „Спутник В“, а дел од повозрасната популација се вакцинира со „АстраЗенека“.
За тоа колкава е ефикасноста од вакцините, кога граѓаните треба да проверат антитела, колку долго ќе штитат вакцините и за многу други прашања разговаравме со д-р Ана Момировска, специјалист по медицинска биохемија, магистер по педијатрија и молекуларна биологија и CMO на „Синлаб Македонија“.
Во вашата лабораторија се вршат речиси сите лабораториски испитувања, а и редовно ги следите светските истражувања за ефикасноста на вакцините. Според досегашните ваши сознанија, која вакцина со која брзина создава антитела?
– Да, имаме одредени сознанија кои вакцини за колку време создаваат антитела. Најнапред во нашата популација во Македонија, како што знаеме, беа вакцинирани медицинските работници со Фајзер. Потоа една голема група на граѓани се вакцинираше во Србија, крајот на март месец, со една доза на вакцината Астра Зенека. Во нашата земја потоа продолжи вакцинацијата на постарите лица со Астра Зенека, додека помладата старосна група се вакцинираше со Спутник, па Фајзер и кинеската Синофарм. Вакцинирањето со последните две вакцини, колку што следам и моментално се спроведува.
Според наши податоци антитела полесно и побрзо се создаваат кај помлади лица. Кај постарите исто така се создаваат, но обично значително присуство гледаме по втората примена доза. Според производител, најбрз имун одговор дава Фајзер, па потоа Спутник, Астра Зенека, а најспор и нешто помал имун одговор дава Синофарм. Тоа е во склад со податоците на производителите на вакцините за тоа која вакцина колку е ефикасна. Исто така скоро и во Њујорк Тајмс имаше текст кој се осврна на оваа тема и нашите податоци од лабораторијата на Синлаб се во склад со податоците од други земји. Сопствени резултати за имун одговор со антитела по вакцинирање со Модерна, Синовак, Џонсон и Џонсон и др. немаме.
Голем број граѓани вршат проверка на антитела и Д димери пред да се вакцинираат. Сметате ли дека ова е неопходно? Потребни ли се извесни проверки пред вакцинацијата?
– Не треба да се прават проверки на Ддимери и антитела против SARS CoV 2 пред вакцинирање. Проверување антитела пред вакцинирање е стар пристап. Во случај да има доволно вакцини, апсолутно нема таква потреба. Но, во недостиг на вакцини, можно е да се прави мерење на антитела, па доколку се присутни, да се одложи вакцинирањето за некое време. Кандидатот пред вакцинирање треба да биде здрав, да нема симптоми на акутна болест. Доколку постои такво сомнение би можело да се направи крвна слика и ЦРП. Кај некои пациенти кои имале доживеано анафилактичен тип на алергиска реакција во минатото, некои лекари препорачуваат да се направи вкупен IgE. Кај здрави лица нема потреба од никакви тестирања.
Граѓаните кои примиле иста вакцина, создаваат различен број антитела – дали оние кои имаат поголем број антитела се позаштитени од оние со помал број? Постои ли начин да се утврди клеточен имунитет?
– Различни се нивоата на антитела кај различни возрасни групи (кај млади луѓе побрзо и полесно се создаваат антитела). Според пол не сме утврдиле такви разлики. Исто така, сигурно има врска општата здравствена состојба и имуниот систем на организмот во целост. Клеточниот имунитет е исто така важен фактор за справување со инфекции. Што е меморирано во таканаречените memory cells на секој организам пооделно, не знаеме. Клеточниот имунитет се мери исто така со тн. течна цитометрија, со која се отчитува лимфоцитната диференцијација како и нивото на поедини групи на лимфоцити. Но, оваа метода е скапа и во практични цели се користи мерењето на антитела за проценка на имуниот одговор на организмот. Уште поспецифично, треба да се мерат неутрализирачките антитела против Спајк протеинот на вирусот. Според IFCC (International Federation of Clinical Chemistry and Laboratory Medicine) мерењето на антитела е тест со кој се одредува поствакциналниот имун одговор.
Дали граѓаните со помал број антитела треба повеќе да внимаваат од оние со поголем број антитела?
– Во принцип да, но тука нема прецизна линеарна поврзаност, бројот на антитела со вкупниот имунитет. Како што веќе кажав постои и друг вид на имунитет како што е клеточниот имунитет, па и локален имунитет на кожата и слузниците. Сите тие фактори како и изложеноста на вирусот во средината во која се живее, треба да се земат предвид.
Има ли некои првични сознанија која вакцина колку долго штити од коронавирусот?
– Сега за сега, личи дека еднаш годишно ќе треба да се вакцинираме. Вакцината штити против првата Вухан варијанта на вирусот, против британската и некои други. Но, како што гледаме се јавуваат нови варијанти, индиска, јужно африканска, бразилска кои се отпорни делумно или целосно на антителата создадени со вакцина или со прележување на првите варијанти. Не е јасно дали таа ревакцина ќе треба да биде за новите варијанти или коктел вакцина за неколку варијанти или само бустер доза од првиот тип на вакцина. Ќе видиме. Инаку податок колку долго би штитела поединечна вакцина се уште нема.
Дали лице кое е вакцинирано, го пренесува вирусот, доколку се зарази?
– Теоретски да, но во практика многу ретко. Мерките за заштита треба да се практикуваат. Со тоа можноста за такво сценарио е нула.
Кога и дали е препорачливо граѓаните кои се вакцинирале да проверат антитела (за секоја вакцина одделно)?
– Моја препорака е да се проверат повозрасни лица и лица кои се вакцинирале со кинеските вакцини Синофарм и Синовак. Доколку нивото на антитела и по 2-3 недели од втората доза е ниско или нема антитела, кај овие лица треба евентуално да се разгледа можноста и за трета доза вакцина. Скоро во списанието „Нејчр“ излезе текст за протективната улога на неутрализирачките антитела . Неутрализирачките антитела се предиктор на присутниот имунитет.
Кој е вашиот став за кинеската вакцина Синовак, од која е најавено дека ќе пристигнат 500.000 дози во земјава?
– Синовак е послаба вакцина, дава заштита, но послаба. Познати се сите податоци за нејзината ефикасност, нешто над 50% заштитува од инфекција. Ова не го кажувам за да се одвраќаат луѓето од вакцинирање, туку за да биде процесот на вакцинирање под контрола. Ако ваква вакцина добиеме во нашата земја треба да се постави детален протокол за вакцинирање (кој ќе се вакцинира), како и за поствакциналниот период (контролни антитела тестови), да се заштитат лицата кои нема да развијат антитела со евентуално трета доза или со друг тип на вакцина. Во секој случај препорачувам луѓето да се пријават за вакцинирање и да се вакцинираат што поскоро.
Многу жени кои сè уште немаат родено имаат страв да се вакцинираат. Кој е вашиот став по ова прашање? Што е со бремените жени и жените кои дојат?
– Струјат разно разни вести за влијанието на вакцините кон стерилноста. Ова навистина не знам од кај излезе како вест. Информација која треба да влијае на најдлабоките човекови стравови (во психологијата наречен страв од кастрација). Вакцините немаат врска со стерилноста на младите. Опасноста е во болеста КОВИД 19, која дава долготрајни последици на разни органи, а не во вакцините. На времето не вакцинираа со по четири пет дози против Вариола Вера, па изродивме деца. Стерилност кај мажи може да доведе инфекција со заушки, доколку лицето не е вакцинирано навреме или е испуштена таа доза. Најчести инфективни причини за стерилност се инфекции со Хламидија и други сексуално преносливи болести, а не вакцини.
Во врска бремените жени и доилките исто така останува препораката да се вакцинираат и тоа со Фајзер, доколку е достапна, за што побрзо да се заштитат од КОВИД 19.