Со измена на членот 76 од Законот за социјална заштита, лична асистенција ќе им биде овозможена и на помлади лица со попреченост од 18 години, односно возрасната граница се спушта на деца со наполнети шест години. Услугата е наменета за лица со потешка и најтешка физичка попреченост и за целосно слепи лица.
Личната асистенција е воведена како пилот-проект во 2018 година со поддршка од ЕУ и поради позитивното влијание и задоволството на првите корисници, воведена е во Законот за социјална заштита усвоен пред три години, а со новиот предлог за измени на Законот се зголемува опфатот на лица-корисници.
Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска организираше јавна расправа на која министерката Јагода Шахпска, како предлагач на измената, рече дека ова било ветување од изборната програма.
Услугата лична асистенција е во времетраење од 80 часа по корисник месечно. Личните аситенти како даватели на услуги на сметка на државата ќе добиваат паричен надомест од 233 денари во бруто-износ на еден час. Исклучок од овие 80 часа се лицата кои излегле од резиденцијалните услови и кои живеат во станбени единици со поддршка. Времетраењето на личната асистенција за нив е 160 часа.
Шахпаска рече дека законот е револуционерно решение, сериозна социјална реформа која на квалитетен начин ги адресира потребите на лицата со попреченост.
-Услугата лична асистенција е индивидуална помош и поддршка на лицата со попреченост за самостојно живеење, но и за активно и рамноправно учество во заедницата. Услугата е во облик на поддршка за социјални, здравствени, образовни, работни и други активности на лицата со попреченост односно основни, елементарни активности кои овие лица ги извршуваат секој ден во својот дом, кои се неопходни за тие самостојно да функционираат, рече Шахпаска.
Посочи и дека оваа услуга не значи укинување на паричниот надомест за помош и нега кој Законот за социјална заштита го предвидува во делот на паричните права, а и дека услугата личен асистент не треба да се меша со услугата образовен асистент – која нуди поддршка во образовниот процес на лицата кои имаат друг вид попреченост.
Шахпаска во обраќањето на комисиската седница соопшти дека МТСП работи на воведување меѓународна класификација на функционалноста. Веќе се формирани две комисии кои ќе работат во Скопје и уште пет регионални. Тие ќе ги проценуваат функционалните способности на лицата со попречености согласно светски стандарди. Проценката нема да биде на класичен начин – преглед од докторски комисии, туку мултидисциплинарен пристап и следење за точно да се дефинира степенот на попреченост. Лицата со најтешка форма ќе имаат пристап до услугата лична асистенција.
-Новната е во пристапот. Нема повеќе да постои досегашната категоризација на личната асистенција, рече Шахпаска, додавајќи дека Правилникот е веќе изработен и доставен во Владата.
МТСП исто така работи на заеднички проект со УНДП за апликација-водич на слепи, која ќе може да биде симната на сите андроид-телефони, лаптопи и компјутери и ќе им помогне на слепите слободно да се движат во просторот. Новина на која работи Министетството е и децентрализација на социјалните услуги – потпишување договори со 19 општини за помош и нега на стари лица и на лица со попреченост во старечките домови, во домашни услови и во дневните центри, за што се обучуваат давателите на услугите.
Учесниците во јавната расправа го поздравија предлогот за поголем опфат на корисници на лична аситенција со спуштањето на возрасната граница на шест години.
Претставничката на „Инклузива“, кои се лиценцирани за давање на оваа услуга, истакна дека на овој начин им се помага економски на семејствата, зашто родителите ќе може да работат. Смета дека провајдерот што ќе се избере треба да има искуство во работата со оваа категорија лица кои се со тешка и најтешка физичка попреченост.
Беше укажано и дека обуката треба да биде повеќе практична отколку теоретска зашто многу кандидати за даватели на услуги се откажуваат по две-три недели кога ќе се соочат со тежината на обврските.
Игор Апостолов смета дека личните асистенти треба да имаат здравствено и пензиско осигурување што ќе ги охрабри да не ја напуштаат аситенцијата, зашто во такви случаи, рече, многу е тешко за семејствата на овие лица да одат по институции за да бараат нов личен асистент.
Според Жарко Недељковиќ, треба да се обезбедат поголем број даватели на овие услуги.
– Не е добро да се оди етапно, првин 200, па втор процес. Треба целосно да се реализира процесот, рече Недељковиќ, според кого асистенцијата треба да опфати и повеќе часови.
Весна Софрониевска од Националниот сојуз на слепи, која веќе ја користи услугата, рече дека со неа многу се подобрил квалитетот на нејзиниот живот. Сугерираше услугата да не се однесува строго на слепите, туку и на тие со 95-99 проценти затоа што, рече, во најголем број случаи очните заболувања се прогресивни и со секоја година видот драстично се намалува, а најчесто тие деца имаат и слепи родители.
Претставници на здруженија на лица со различни видови попречености на јавната расправа зборуваа и за други проблеми со кои се соочуваат – институционални и инфраструктурни бариери, помагала, здравствена заштита… укажувајќи на потребата од поголема кооридинираност на министерствата за труд и социјала, здравство, образование и за транспорт и на центрите за социјална работа.